1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

До пред еден век владеело глобално заладување

Прстените на стеблата на дрвјата се носители на информации за температурата, дождовите, вулканските ерупции и шумските пожари. Тие на научниците им открија - до 1900. година станувало се‘ постудено!

Секоја година, од пролет до есен, во дрвото, под кората, се распоредуваат нови линии. Така настануваат годишните прстени, односно годовите. Тие содржат многу информации. Ако времето било топло, дрвото растело побрзо отколку во услови на студ. Ако времето било суво, дрвото растело побавно отколку во влажни услови.

Таквите разлики особено добро може да се прочитаат од стеблата кои растат во екстремни температурни прилики, на пример во планинските региони. „Ако таму е премногу студено за дрвото да може да расте, многу студените години редовно се огледуваат во тесни кругови. Тоа е забележливо не само кај едно дрво, туку кај многу дрвја кои раснат на истото подрачје“, вели раководителот на Одделението за истражување годови (дендрохронологија) на Универзитетот Мајнц, Јан Еспер.

Вакво климатско подрачје, на пример, е северниот дел на Финска. Таму владеат идеални услови за истражување, зашто не само што може да се анализираат живи стебла, туку и мртвите содржат информации, како еден вид климатски архив. „Во Финска има многу плитки езера. Кога во такво езеро ќе падне некое дрво, тоа останува нечепнато илјадници години“, објаснува Еспер. На тој начин, тој и неговите колеги успеале со помош на финските стебла да ја реконструираат климата во последните 2.000 години.

Dendrochronologie Universität Mainz

Примерок од дрво се зема со дупчалка

До примерок од дрво со употреба на мускули

Раководителот на лабораторијата во Мајнц, Маркус Кохбек, објаснува како се зема примерок од дрво. Дрвото се дупчи со дупчалка која личи на цевче и која се врти рачно. Со мала кука од таа цевка потоа се извлекува нејзината содржина која изгледа како молив со линии, дебел околу половина сантиметар. Секоја линија или прстен означува една година од животот на дрвото. Кохбек потоа со специјално ренде го бруси примерокот од дрвото. Така се добива мазна површина на која сите прстени се добро видливи. Потоа примерокот се става под микроскоп којшто го мери секој прстен одделно. На тој начин научниците добиваат крива - на хоризонталната оска се годините, додека на вертикалната оска е ширината на годовите изразени во милиметри.

Dendrochronologie Universität Mainz

Маркус Кохбек, раководител на лабораторијата во Мајнц

За секој год се прави по една крива. Научниците потоа компјутерски ги споредуваат кривите, најмaлку стотина на број. Од нив можат да заклучат кои години биле многу студени. На финските научници на тој начин им успеа да „ѕирнат“ 7.000 години во минатото. Јан Еспер со своите истражувања не отишол толку далеку, туку само 2.000 години. Резултатот гласи - во периодот од 2.000 години пред почетокот на индустриската револуција до околу 1900-тата година во Финска станувало се‘ постудено, односно околу 0,3 степени целзиусови по милениум. Времето потоа не е вклучено во истражувањето, зашто оттогаш е појавен и еден нов феномен - зголемено количество издувни гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина.