1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

До каде може да оди Северна Кореја со заканите?

Северна Кореја вчера прогласи воведување „воена состојба“ со соседот Јужна Кореја. Сега оди понатаму, се заканува со затворање на заедничкиот индустриски комплекс.

„Ќе го затвориме индустрискиот комплекс без никакви обзири ако Јужна Кореја се обиде макар и малку да ја повреди нашата гордост“, изјави претставник на надлежниот орган кој го раководи индустрискиот комплекс. Како што јавува севернокорејската новинска агенција КЦНА, Јужна Кореја го обвинува Пјонгјанг дека индустрискиот комплекс во градот Каесонг го одржува само поради тоа што му се потребни приходите од него.

„Овие тврдења се безобѕирни и го повредуваат достоинството на Северна Кореја. Факт е дека од индустрискиот комплекс во Каесонг профитираат јужнокорејските мали и средноголеми претпријатија“, потенцира портпаролот.

Индустрискиот комплекс инаку се наоѓа на десет километри од границата со Јужна Кореја. Агенцијата АФП известува за нормална работа на погонот и во текот на денешниот ден, без оглед на заканите од Пјонгјанг.

Nordkorea - Drohung den Kaesong Industriepark zu schliessen.

Индустрискиот комплекс во Каесонг

Добра економска соработка

Двете држави го основаа индустрискиот комплекс во 2004 година како проект на прекугранична меѓусебна соработка. Освен во недела, стотици Јужнокорејци секојдневно доаѓаат на работа во севернокорејскиот пограничен град. Во погонот работат и повеќе од 50 илјади работници од Северна Кореја за над 120 јужнокорејски фирми. Индустрискиот комплекс е ограден и под постојан надзор на граничарите.

Соработката на осиромашената комунистистичка држава и‘ ги обезбедува итно неопходните девизи. Од друга страна, пак, јужнокорејските фирми кои произведуваат во Каесонг профитираат од ниските трошоци за плати за севернокорејските работници. Тие заработуваат отприлика само една четвртина од платите на пример на кинеските вработени.

Северна Кореја прогласи „воена состојба“

Вчера Северна Кореја објави дека е „во воена состојба“ со Јужна Кореја.

„Односите меѓу двете Кореи од овој момент влегуваат во воена состојба и Работничката партија, министерствата и останатите институции на Северна Кореја од сега натаму сите прашања меѓу двете земји ќе ги решаваат во согласност со воените протоколи“, беше наведено во официјалното соопштение на властите во Пјонгјанг, кое го објави државната новинска агенција КЦНА. „Војската на Северна Кореја очекува натамошни наредби од властодржецот Ким Јонг Ун, стоеше во соопштението.

Nordkorea erklärt Kriegszustand

Северна Кореја се подготвува за војна?

Во изминатите недели комунистичките власти во Пјонгјанг во неколку наврати им се заканија со напади на Јужна Кореја и на САД. Во петокот Ким Јонг Ун издаде наредба за ставање во борбена готовност на статегиските ракети. Северна Кореја со тоа регираше на задничките воени маневри на САД и Јужна Кореја во чии рамки два американски бомбардери со стелт технологија невидлива за радарите прелетуваа преку јужниот дел на Корејскиот полуостров.

Јужна Кореја засега не се возбудува и покрај заканите од соседот, но сепак го предупреди за воените провокации.

Наспроти тоа, САД заканите ги сфаќаат сериозно и најавија поддршка на сојузникот - Јужна Кореја. Русија, пак, ги повика сите страни на воздржаност, а германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле односот на Северна Кореја го нарече „закана за мирот во целиот регион“.

Експертите сметаат сепак дека Пјонгјанг не мисли сериозно да влегува во војна, од која најверојатно би излегол како губитник. Меѓутоа, има и такви предупредувања дека новиот лидер Ким Јонг Ун (на насловната фотографија) е млад и неискусен и може да направи непромиселни чекори. Меѓу двете Кореи по Корејската војна (1950-1953) не постои мировен договор. Формално тие и денес се наоѓаат во војна, зашто своевремено бил потпишан само договор за примирје.