1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Дојче Телеком“ и официјално ги доби „Ти мобајл“ и „Космофон“

Два од трите мобилни опаратори во Македонија влегоа под капата на Дојче Телеком. Станува збор за водечките компании во овој бизнис во Македонија, “Ти мобајл“ и “Космофон“, кој досега му припаѓаше на грчки „ОТЕ“.

default

Зделката се официјализираше вчера (19.06.2008) откако грчкиот парламент го ратификуваше купопрoдажниот договор меѓу “Оте“ и “Дојче Tелеком“. Ова во македонски услови значи дека “Дојче Телеком“ преку “Ти мобајл“ и “Космофон“ ќе контролира преку 90 проценти од пазарот. Единствен конкурент ќе му биде третиот мобилен оператор “ВИП“. Зделката ги разбранува деловно- административните кругови во Скопје, каде се вели дека на македонскиот пазар се создава нов монопол. Комисијата за заштита на конкуренцијата најавува реакција.

Што е монопол?

Во законот за заштита на конкуренцијата стои дека е монопол ако некој субјект има контрола на повеќе од 40% од клиентите и услугите, но за да се утврди монопол во конкретниот случај треба да се проверат дополнителни критериуми.

Дојче телеком во Mакедонија го поседува и единствениот фиксен оператор - Мактелекомот. Генералниот менаџер, Николај Бејкерс, не го поврзува ширењето на бизнисот со создавање на уште еден монопол на македонскиот пазар: “Тоа е работа на Дојче Телеком и Оте. Тоа не влијае на “Мактел“. Ние не сме вклучени во процесот и тешко ми е да дадам коментар. Треба да почекате Дојче Телеком да даде изјава во Германија и Оте во Атина“, изјави Бејкерс.

Либерализација на пазарот - под точка „задолжително“

Најзасегнат, барем досега, е третиот мобилен опаратор во Македонија, ВИП, на австриски Мобилком, кој последен влезе на овој пазар. Главниот извршен директор Никола Љушев вели: „Доколку последниот развој на глобално, односно регионално ниво, почне да влијае на македонскиот пазар на електронски комуникации, веруваме дека комисијата ќе преземе соодветни мерки да го заштити пазарот и корисниците од евентуално монополско однесување“, вели Љушев.

Една од клучните забелешки на Европската унија на состојбите во Македонија е монополот во телекомуникацискиот сектор. Либерализацијата во оваа сфера е услов за натамошно приближување на земјата до стандардите на унијата.

DW.COM