1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Дојче Веле - медиумски партнер на Лајпциг за Олимпијадата 2012

Извесен период шансите на Лајпциг да биде место на олимписките игри во 2012 година изгледаа многу темно. Различни скандали и ривалства меѓу одговорните не ветуваа ништо добро. Со новиот тим на врвот на одборот за кандидатура се врати оптимизмот. Кон тоа придонесе и Дојче Веле кој стана медиумски партнер на кнадитурата на Лајпциг. Во саботата во Франкфурт беше потпишан договор за соработка со лајпцишкото друштво за маркетинг. Пред состанокот на сите врвни функционери на германскиот спорт, градоначалникот на Лајпциг Волфганг Тифензе не остави никаков сомнеж во нескршливата волја на градот и на неговите половина милион жители во 2012 да биде домаќин на Олимпијадата. По неколкуте турбуленции во личните односи во тимот конечно се врати мирот потребен за успешната работа, изјави Тифензе. Последен ден е 15 јануари идната година до кога сите кандидати за олимпијадата во 2012 година - Рио де Жанеиро, Хавана, Њујорк, Лондон, Париз, Мадрид, Истанбул, Москва и Лајпциг, треба да ги предадат одговорите на 27 прашања што им ги постави Меѓународниот олимписки комитет. Прашалникот е мошне строг и треба да бидат дадени одговори на следниве прашања: концептот на спортските објекти, инфраструктурата, можностите за финансирање, но и безбедноста. Од тие причини и Дојче Веле сака да му помогне на Лајпциг за подобрување на меѓународниот имиџ. Во рамките на средбата на германските врвни функционери во спортот, интендантот на Дојче Веле Ерик Бетерман потпиша договор за медиумско партнерство: "Обврска на Дојче Веле е да ја претставува Германија и ако Германија и еден нејзин град се кандидира за олимпсиките игри, тогаш наша задача е и за тоа да известуваме. Но, постои и дел емоционална врска со новите сојузни покраини и со големата спортска традиција на Лајпциг. Значи има малку емоции, но и дел од задачите на Дојче веле". Во наредните недели и месеци Дојче Веле ќе му посвети засилено внимание на Лајпциг. Веднаш ќе започне со емитување на најмалку 600 спотови за Лајпциг, најнапред на германски и англиски, можеби и на шпански и арапски. Набргу ќе биде емитуван и квиз за Лајпциг за азиските и африканските програми на кој ќе можат да се добијат 200 фудбалски топки. Секако, ќе се информира и за градот за што ТВ-Дојче веле веќе подготвува подолг фичер. Лајпциг набргу ќе биде претставен и на радиото како жива културна, економска и спортска метропола.