1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Дојче бан“ вмешан во корупциски скандал

Германија не е имуна на корупција, тоа го покажуваат скандалот со „Сименс“ и најновиот, со „Дојче бан“. Обвинувањата за плаќање мито фрлаат сенка врз ангажманот на Германската железница во странство.

Грција на скалата на Транспаренси интернешнл за корупција го зазема 94. место, зад Кина или Јужноафриканската Република, што многумина не ги изненадува. Затоа е разбирлива одлуката на управата на Германската железница („Дојче бан“) да се повлече од Грција. Професорот по економска етика Кристоф Литге смета дека одлуката на германската фирма да се повлече не само од Грција, туку и од земјите како Алжир, Либија, Руанда и Тајланд, односно земјите кои не се најдобри во однос на корупцијата, е исправна.

Проблем е ситната корупција

Но, „Дојче бан“ не се повлече од Грција без видлива причина. Процесот започна откако германското обвинителство во 2010 година покрена истрага против „Дојче бан интернешнл“, кој делува во рамките на „Дојче бан“, поради сомневањето за потплатување на одговорните заради победа на јавните тендери. Според пишувањето на весникот „Зидојче цајтунг“, „ДБ интернешнл“ преку консултантски компании во даночната оаза, островот Џерси, им плаќал на локалните грчки политичари кои му обезбедиле работа на траса на атинската подземна железница што води кон аеродромот.

Добивањето работа на овој начин во Грција очигледно не е реткост: службениците, кои се слабо платени, ги подобруваат своите приходи со мито, вели Литге: „Посебно во Грција, чекањето на градежни дозволи трае предолго, но ако се платат 5 илјади евра, работата изгледа поинаку“.

Моментно се води истрага против 37 осомничени, а самиот „Дојче бан“ покрена тужба против 10 бивши менаџери на фирмата поради нанесување штета.

Griechenland Athen U-Bahn

Атинска железница

„Освен тоа, во 2011 година решивме целосно да се повлечеме од земјите во кои не е гарантирано ’чисто’ работење“, вели Јенс Оливер Фос, еден од портпаролите на „ДБ“. Со тоа овој полудржавен концерн, смета Литге, дава сигнали кон „јавноста, конкуренцијата и самите земји погодени од корупција“. „Дојче бан“ секако не е единствената фирма која се среќава со корупција.

„Не би рекла дека е тоа секојдневна работа, но со корупцијата се среќаваме и повеќе од доволно“, вели Биргит Гали од Вишата управна школа во Берлин, која работи на обука на инспектори за областа стопански криминал. Иако постојат закони кои забрануваат давање подароци, корупцијата е се‘уште присутна, а Гали смета-голем број од случаите на подмитување никогаш нема да бидат откриени. Проблем се малите случаи на подмитување, големите корупциски скандали се реткост.

Важна е контролата

Во еден од големите корупциски скандали беше вплеткан и „Сименс“. Поради потплатување службеници ширум светот, „Сименс“ беше принуден да плати казни од 2,9 милијарди евра. Тоа се суми кои и на величини како „Сименс“ му го поматуваат расположението, а притоа не е пресметана уште и штетата од загубата на угледот на пазарот. „Дојче бан“ не мора претерано да стравува за имиџот, вели Литге за Дојче веле, зашто обвинувањата за корупција се ситница во споредба со проблемите со кои е соочен концернот, како доцнењето на возовите, неисправни возови, високи цени. Тие појави многу повеќе ги вознемируваат патниците отколку корупцијата во странство. На „Сименс“ пак му требаше долго за да се опорави од корупциксиот скандал.

Но, и примерот на „Сименс“ покажува во кои случаи фирмите прибегнуваат кон корупција - се работи главно за работа во странство. Тука на прво место е Кина, но и многу азиски и јужноевропски држави, меѓу кои посебно Грција. Објаснувањето за високиот степен на корупција во овие држави не треба да се бара во менталитетот или културата, туку едноставно во недоволната контрола, вели Литге: „Ни најдобрите закони не помагаат ако не се спроведуваат“