1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Доцен мандат со нејасна перспектива

По долги интерни расправии, НАТО сепак го презеде раководството во меѓународната воена операција во Либија, во момент кога станува се‘ понејасно што всушност е и дали може да биде постигната нејзината цел.

default

Значи, сепак НАТО. Северноатлантската алијанса го презема раководството на меѓународната воена мисија, која треба да ја спроведе забраната за летови во Либија, онака како што реши Советот за безбедност на ОН минатата недела. Долгите интерни кавги претходно го доведоа НАТО на работ на расцеп, а тие и натаму го отсликуваат јазот во меѓународната заедница околу смисолот и целта на оваа операција. Одлуката на Советот за безбедност на ОН првично се роди од желбата за заштита на цивилното население во источниот дел од Либија од смртоносните напади на борбените авиони на Гадафи. Во меѓувреме се заканува опасноста воената интервенција да ескалира во долга, валкана војна, која Западот одново може да го оцрни во очите на арапскиот свет. Американците, Британците и Французите во меѓувреме ја уништија воената авијација на Гадафи, од неа на бунтовниците во источниот дел од земјата не им се заканува никаква опасност. Но, деспотот и натаму седи безбеден во некој бункер и командува со нападите на добро обучените копнени трупи, со сигурното сознание дека времето му е важен сојузник. Што подолго Западот го бомбардира Триполи, се‘ поголема е опасноста од убиства на цивили, кои всушност требаше да ги заштити воената операција. Се заканува потиснување во заднина на моралната цел на интервенцијата.

DW Deutsches Programm Daniel Scheschkewitz

Даниел Шешкевиц

Суштинска цел на акцијата се чини сега е политичко развластување на дикаторот Гадафи. Но, Советот за безбедност на ОН не даде мандат за интервенција во политичкиот суверенитет на една независна држава. Од добри причини. Зашто, во спротивно, дали не треба да се бомбардираат и Сирија и Јемен? И таму режимите, притерани до ѕид, исто така отворија оган врз демонстрантите, кои се критички настроени кон власта. Границите на хуманитарно дефинираните воени интервенции досега не се јасно поставени, ниту можат да се предвидат долгорочните политички последици од нив. Уште колку долго Арапската лига ќе ја поддржува меѓународната акција, ако НАТО ја води како војна против Гадафи? За САД и Велика Британија сега е политички згодно да му ја предадат командата на НАТО. Во воената мисија тоа малку менува, освен тоа што командантите сега носат други капи.

Но, револуцијата во Либија е во застој, а ограничената воена интервенција премина во заземање страна во граѓанска војна. Колку и да се посакува успех на бунтовниците, толку во меѓувреме е се‘ поверојатна поделба на земјата, отколку нивна тотална победа. Во краен случај сегашниот курс на западните сили би можел да доведе до ситуација, во која НАТО ќе треба да штити протекторат на бунтовниците - и тоа со сите неопходни воени мерки. Отпосле секогаш човек е попаменет, но германската воздржаност во однос на овој воен ангажман не е случајна и може долгорочно да се покаже како оправдана.

Коментар: Даниел Шешкевиц

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски