1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Достоинството е „црвената линија“

По возобновената иницијатива за зајакнување на довербата со Грција која ја предложи Владата во Скопје, од Атина се очекува поместување во позитивна насока. Партиите во земјата имаат сопствени толкувања за иницијативата.

default

Иницијативата за напредок во односите со Грција двете најголеми политички партии во Македонија ја оценуваат со различна диоптрија. ВМРО ДПМНЕ и СДСМ сакаат решение на спорот со Грција, но на различни страни ги детектираат клучните проблеми што го кочат напредокот во овој процес. Возобновените предлози за договор за одбегнување на двојно оданочување, нови гранични премини, парламентарна декларација за пријателство и добрососедство и формирање заедничка образовна историска комисија, за владејачката партија се конкретни и остварливи доколку владата во Атина оцени дека освен на својот имиџ и углед треба да работи и на намалување на проблемите, и зборовите за добрососедство од реторика да преминат на дела.

До решение без лицитација

„Тука ја гледам употребната вредност на овие иницијативи, но сепак исходот зависи од добрата волја или прагматизмот од Атина. Она што е добро за двете страни е што поскоро да отпочне динамиката на средбите под покровителство на медијаторот на ОН посредникот Метју Нимиц. За тоа македонската страна е подготвена, а дали е подготвена и грчката страна ќе видиме во наредните неколку месеци, а по однос на нивните црвени линии на нивниот пристап кон самиот спор, јас би рекол дека македонската црвена линија е достоинството на македонскиот народ и мора да се разбере во Атина дека нема странските влади и држави веќе да одлучуваат за достоинството за името за презимето и за развојот на Република Македонија. За неа ќе одлучуваат граѓаните на РМ и затоа најдобрата работа што може од Атина да се случи да се покаже со гестови, со дела една минимална почит кон реалноста наречена македонски народ кој што тука живее и е сосед со грчкиот народ и има многу добри и мирољубиви намери“, коментира за Дојче Веле поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.

Antonio Milososki mazedonischer Außenminister

Антонио Милошоски

Од СДСМ пак се сомневаат дека оваа иницијатива е со конретна цел за напредок во спорот:

„Тајмингот, нивото на кое владата избра да ја соопшти наводната иницијатива ни дава за право да се сомневаме дека е ова уште еден од низата театрални потези и обид да се создаде лажна слика за некаков активитет кој треба да покаже дека владата сака всушност да го реши спорот. Интересен е и еден друг аспект од оваа прес конференција на новиот владини портпарол, а тоа е дали наводната иницијативност значи дека владата пробува или пак реално сака да го напушти процесот на преговори под покровителството на ОН и го отфрла медијатосрството на Метју Нимиц и ќе се обидува билатерално да го решава спорот во иднина“, изјави за Дојче Веле Емилијан Станковиќ од СДСМ.

Според Милошоски достоинството како црвена линија не значи само почитување на идентитетот и на јазикот, туку и името на државата. Решението според него нема да може да дојде со лицитација на можни предлози на јавна сцена:

„Мора кој било предлог, или можно решение да биде дел од дискретната дипломатска комуникација за да може да се овозможи во некоја поволна прилика да се стигне до решение, бидејќи ако јавно лицитираме со имиња предлози како што тоа го правата наши политичари, сметам дека само дополнително ја зголемуваме демотивацијата кај едната или другата страна да се направи исчекор кон решение. Но важно е да се создаде една добра атмосфера за разговори, а според мене таа не се создава со блокирање туку со откочување на блокадата за евоинтеграциите“, смета Милошоски.

Де факто консензус

Фактот што СДСМ му дава бланко поддршка на премиерот Груевски за секое решение што нема да задира во македонскиот национален идентитет, јазик култура и посебност, а истовртемено е прифатливо за него и неговата партија според Станковиќ е максимално фер став на опозицијата по прашањето за спорот:

SDSM Gebäude in Mazedonien

Седиштето на СДСМ во Скопје

„Земајќи предвид дека на последните парламентарни избори во нашата програма се изјаснивме за референдумско изјаснување на граѓаните за секое евентуално прифатливо решение за спорот, во земјата де факто постои консензус околу позициите на двете најголеми македонски партии, но повторно ќе кажам недостатокот на реална политичка воља кај премиерот за решавање на овој ирационален спор тој се обидува да го компензира со тешка манипулација за наводна попустливост на опозицијата по ова прашање. Тоа не е точно и Груевски тоа многу добро го знае, но се уште се надева дека со форсирање на неговиот лажен патриотизам ќе го оттргне вниманието на јавноста од економско социјалната мизерија во која ја втурна земјата“, смета Станковиќ.

Според СДСМ, за да се реши спорот, владата треба од зборови да прејде на дела, а премиерот треба да покаже решителност и државнички менталитет со што ќе покаже дека неговиот личен рејтинг не му е поважен од иднината на државата. Последната речиси идентична иницијатива за зајакнување на добрососедските односи со Грција, владата во Скопје ја предложи во 2008 година.