1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Достоинствено повлекување на Мубарак!?

И по почетокот на разговорите со владата, опозицијата во Египет останува цврсто на барањето за итна оставка на претседателот Хосни Мубарак. Дипломатите, пак, бараат начин за негово достоинствено заминување од власта.

default

Египетскиот претседател Хосни Мубарак

Протестите на плоштадот Тахрир во центарот на Каиро продолжуваат, ноќеска таму кампираа повеќе луѓе. Армијата се откажа од обидите да го расчисти центарот на градот. На разговорите со заменик-претседателот Омар Сулејман било договорено формирање комитет кој до почетокот на март ќе подготви предлози за реформа на уставот. Освен тоа, Сулејман ветил поголема слобода на печатот и укинување на вонредната состојба кога тоа приликите ќе го дозволат.

Во меѓународната дипломатија пак се разгледува можноста како на египетскиот претседател Хосни Мубарак да му се овозможи достоинствено заминување од власта. Се шпекулира меѓу другото дека тој може привремено да добие егзил во Германија.

Хајделберг прва дестинација

Секогаш кога имаше здравствени проблеми, египетскиот претседател Хосни Мубарак најрадо доаѓаше во германскиот универзитетски град Хајделберг. Подолг престој во Германија би бил варијанта како Мубарак да ја предаде власта без да го загуби образот. Германската влада се труди да ги сузбие ваквите шпекулации.

Muenchner Sicherheitskonferenz Guido Westerwelle

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле

Во нив ние како членови на владата не учествуваме, тоа е многу чувствително прашање, изјави германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле за втората програма на германската телевизија, ЦетДеЕф. Истовремено, тој повторно ја бранеше соработката на досегашните германски влади со Мубарак:

„Не може да се игнорира конструктивната улога на Египет во блискоисточниот мировен процес, оној кој го прави тоа, ги поедноставува работите“, изјави Вестервеле.

Тој истакнува дека во светот постојат многу држави кои не се според нашите желби, но сепак со нив постои некаква размена, што е политички и економски исправно, но е исто така и неопходно од етичка и морална гледна точка. Имено, само на таков начин имено може да се изврши влијание врз такви земји во правец на развој на демократијата, придржувањето кон човековите права и принципите на правната држава.

Медиумите шпекулираат

Обично добро информираниот весник „Билд ам зонтаг“, повикувајќи се на владини извори, објави дека германската влада е подготвена да му дозволи доаѓање на Мубарак во случај на итна медициснка интервенција.

Deutschland Heidelberg Universitätsklinik Mubarak

Мубарак веќе престојувал во Универзитетската клиника во Хајделберг

Претходно „Њујорк тајмс“ напиша дека подолготраен медицински третман на 82-годишниот Мубарак во Германија би бил добредојдено сценарио за предавање на власта. Портпарол на Универзитетската клиника во Хајделберг, каде Мубарак беше и во 2010 година заради хируршка интервенција, изјави дека досега до нив не стигнало никакво барање од страна на германската влада или Министерството за надворешни работи.

На почетокот на февруари Мубарак најави дека нема да се кандидира на изборите во септември. Но, опозицијата која на улиците е веќе две недели, не се задоволува со ваквата најава и бара итна оставка од шефот на државата.

Автор: ЖА/ГЧ/дпа/дв

Редактор: Горан Чутаноски