1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Доста е!“: Шпанците протестираат против штедењето

Илјадници луѓе во Шпанија повторно протестираа против кратењето на социјалните услуги и рекордната невработеност во земјата. Тие бараат „итен, радикален пресврт“.

Најголеми протестни маршеви имаше во Мадрид и Барселона, а вкупно се протестираше во шеесетина градови. Со повик за оставка на владата, во Мадрид демонстрираа службеници, вработени во јавни претпријатија, лекари и медицински сестри. На плакатите стоеја барања како „Леб и покрив над главата по фер цена“.

„Нашите актуелни проблеми може да се решат само со политички промени“, изјави за Франс прес 52-годишната медицинска сестра Пилар Гомез, којашто демонстрираше со колегите во Мадрид. „Државата со своите буџетски кастрења во сферите на образованието, здравството, јавните служби..., жестоко удира врз граѓаните, а тоа е сосема доволен мотив секојдневно да протестираме, но мора да се собереме во поголем број“, вели Гомез.

На протести повикаа двата големи синдикати УГТ и ЦЦОО и уште 150 други организации. На протестите им се приклучија и најважните опозициони сили во парламентот, Социјалистичката партија ПСОЕ и Обединетата левица ИУ. „Сиромаштијата во земјата алармантно се зголемува, мора да кажеме ’Баста’ и тоа итно!“, изјави Пурификасион Гарсиа од ПСОЕ.

Стапката на невработеноста во Шпанија изнесува 26 отсто, буџетскиот дефицит изнесува 6,7 проценти од бруто домашниот производ (БДП), а стопанството минатата 2012 година забележало пад од 1,4 отсто.