1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Доселениците и влошената економија - предизвик за Обама

Во денешниот говор претседателот на САД Барак Обама ќе ги претстави тежиштата на неговиот втор мандат: влошената економија, доселениците и спорниот закон за оружје. Економијата е тема и во гратчето Далтон.

„Во средината на 2009-та година економската криза не‘ погоди со полна сила. Едно време тешко се боревме. Сега полека гледаме дека состојбата се подобрува“, оценува Сем Бургер, заменик-шеф на Лексмарк карпет инк., една од повеќе од 150 фабрики за теписи во Далтон, во сојузната држава Џорџија. Во овој град, кој самиот себеси си се нарекува главен град на теписите во светот, живеат 33.000 граѓани, така што речиси секој во градот живее од продажба на теписи.

USA, Georgia, Dalton, Arbeitsplätze Wirtschaft

Во Далтон порачуваат: Купувај американско! Спасувај работни места!

Меѓутоа, 11 проценти од граѓаните се без работа, што е многу над државниот просек на невработеност од 7,9 проценти. И за американски услови тоа е премногу и претставува проблем и за претседателот Обама. Неговата влада се обиде со големи конјуктурни програми да ја зајакне економијата. Американската централна банка соопшти дека каматите ќе бидат ниски се‘ додека невработеноста не падне под 6,5 проценти.

Американската економија се потпира на доселениците

Околу 250 мажи и жени и по 12 часа работат на изработката на еден тепих. Условите за работа се многу тешки. Нема дневно светло и има голема бучава и топлина. Таму се зборува шпански, а англиски знаат само малкумина. Еден голем дел од луѓето немаат дозвола за престој во САД. А, тие дошле во Далтон пред десетина години. Тогаш платите уште биле доволно високи.

Во САД живеат повеќе од 11 милиони нелегални доселеници. Тие извршуваат работи за кои не може да се најде американска работна сила. Економијата на САД се потпира на нив. Притоа луѓето кои работат на црно немаат осигурување, немаат право на пензија, а често ниту на поседување возачка дозвола. Реформата на доселеничката економија е итно неопходна. Опозицијата до сега успешно го блокираше нејзиното спроведување. Но, групата на Латиноамериканците е се’ поголема и се’ повлијателна. По победата на Обама републиканците ќе мораат на тоа да се прилагодат.

Вашингтон како Дизниленд

Промените доаѓаат полека. Децата во средното училиште во Далтон би можеле од тоа да профитираат. Две-третини од нив се со латиноамериканско потекло. Андрес е еден од нив. Има 13 години и оди во осмо одделение. Неговите родители кратко по неговото раѓање го напуштија Мексико. Андрес е американски државјанин. Неговиот татко е илегално во САД и , како и голем дел од Латиноамериканците, работи во фабриката за теписи во Далтон. Андрес отворено зборува за тоа.

Rede Obama Las Vegas Immigration

Многу проблеми од првиот мандат на Обама остануваат да бидат решени во неговиот втор претседателски мандат

„Јас главно се чувствувам како Мексиканец, иако овде сум роден. Мојата цела фамилија доаѓа од Мексико. Тие сите дошле овде поради шансата за подобар живот. Овде животот е подобар отколку во Мексико. Таму немале ништо“, вели тој.

Дејвид Пенингтон е запознаен со проблемите на децата. Тој минатата година вторпат е избран за градоначалник на Далтон. За политичките превирања во Вашингтон има малку разбирање.

„Имаме два Дизниленда во САД“, иронично зборува тој, појаснувајќи: „Едниот се наоѓа во Орландо, а другиот во Вашингтон. Тука нема разлика. Тие сите веруваат во еден надуван владин апарат. Демократите се расфрлаат со нашите пари од даноците, а републиканците сакаат сите наши проблеми да ги решат со задолжувања“, вели Пенингтон.

Дури и претседателот постојано се жали на застој во Вашингтон. Но, за време на првиот мандат не му тргна од рака да ги донесе на заедничка маса демократите и републиканците. Проблемите во економијата, доселувањето, како и спорниот закон за поседување оружје се само некои од проблемите за кои американскиот претседател Обама мора да најде решение. Жителите на Далтон се скептични кога станува збор за тоа дали нивниот личен живот може да се подобри благодарејќи на одлуките во Вашингтон.