1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Дортмунд ја слави новата титула

Актуелниот германски фудбалски првак ја одбрани титулата на две кола пред крајот на сезоната. Во Дортмунд владее вонредна состојба - еуфоријата по триумфот на Борусија е огромна.

Вчерашниот ден за навивачите на Борусија Дортмунд го содржеше сето она што го пружа фудбалот - напрегнатост, разочарување, радост, еуфорија... Градот уште во претпладневните часови почна да се подготвува за славје, бидејќи се’ одеше во прилог на тоа дека Борусија Дортмунд на две кола пред крајот ќе ја обезбеди титулата германски фудбалски шампион за сезоната 2011/2012. Од второпласираниот Бајерн Минхен, Борусија ја делеа големи осум бодови и беше доволно „гигантите од Минхен“ да загубат или да одиграат нерешено на гостувањето во Бремен за екипата од Дортмунд да стане првак и пред почетокот на вечерниот меч против истоимениот тим од Менхенгладбах. И кога навивачите на Борусија веќе започнаа да слават во последната минута на натпреварот во Бремен, Франк Рибери го постигна победоносниот гол за Бајерн за конечни 2:1.

Славјето мораше да се одложи...

До титулата со сопствени сили

Всушност фудбалскиот ден за навивачите на Борусија штотуку започнуваше. На црно-жолтите, имено, не им требаше помош од други, тие и самите можеа предвреме да ја одбранат титулата со победа на „Сигнал Идуна парк“ против Бoрусија Менхенгладбах. Во 18 часот и 55 минути забавата започна , благодарение на хрватскиот репрезентаивец Иван Перишиќ . Тој во 23. минута го донесе својот клуб во заслужено водство од 1:0. Јапонскиот репрезентативец Шинжи Кагава со голот во 59. минута го постигна конечниот резултат од 2:0 и забавата ја поткрена во општа еуфорија во Дортмунд.

Десетици илјади воодушевени навивачи до раните утрински часовија славеа шампионската титула до која нивниот тим дојде сосема суверено - во последните 26 првенствени натпревари Борусија (Д) нема пораз (21 победа и 5 нерешени). Последниот пораз во Бундеслигата црно-жолтите го доживеаја на 18. септември 2011. година. И тоа не е се’. Доколку Борусија победи и во преостанатите првенствени натпревари (против Кајзерслаутерн и Фрајбург), ќе освои најмногу бодови во историјата на Бундеслигата. Рекордот се’ уште го држи Бајерн Минхен од сезоните 71/72 и 72/73.

Достоен првак

„Ако некој некогаш залужено станал шампион, тогаш сме тоа ние“, го коментираше триумфот на својата екипа пресреќниот тренер Јирген Клоп.

Многумина него го сметаат за најзаслужен за подвигот на Борусија. Јасни пофалби тој доби и од германскиот селектор Јоахим Лев, кој освен тоа истакна: „Импозантно е дека Борусија (Д) вторпат по ред го освојува првенството со оваа млада екипа. Мене генерално ме воодушевува слогата во овој клуб - меѓу тренерот, екипата, функционерите и навивачите владее вистинско единство“.

Претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Волфганг Ниерсбах пак заклучи дека Борусија е достоен првак, бидејќи со ангажманот на теренот и со начинот на игра ги воодушевува и неутралните гледачи.