1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дорис Пак: Нема друго решение за Македонија, освен да се убеди Грција

Германската европратеничка од редовите на Народните партии, Дорис Пак за Дојче Веле истакнува дека Грција се однесува тврдоглаво за едно прашање кое не заслужува да го блокира придвижувањето на Македонија кон Европа.

Германската европратеничка од редовите на Народните партии, Дорис Пак по повторното недавање на датум за почеток на преговори со Македонија од страна на ЕУ, за ДВ констатира дека правилата на Европскиот совет не дозволуваат да се надмине ветото на една земја членка.

„Сѐ зависи од грчката добра волја. Сѐ уште се надевам дека под грчкото претседателство со ЕУ, ќе успееме да ѝ укажеме дека нејзиното однесување воопшто не е европско. И дека во нејзин сопствен интерес е да му се помогне на својот сосед да ја подобри неговата ситуација.“

Таа понатаму нагласува дека Европскиот парламент отворено кажа дека е за да се отворат преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, исто како и Европската комисија.

„Сигурна сум дека Советот сакаше да го повтори и кажи истото, но го има противењето на една држава членка, која не се однесува како што теба. Бидејќи ‘идиотската“ битка околу името Македонија, нема никаква смисла за почетокот на преговорите. “

Според неа, за прашањето за името може да се дискутира и решава во текот на преговорите, како што предлага и Европската комисија.

„Можам да кажам дека Грција е премногу тврдоглава. Европскиот парламент направи сѐ што можеше и се обиде да им стави до знаење на Грците, дека ако се однесуваат на ваков начин, тие создваат проблеми внатре во Македонија на меѓуетнички план. Охридискиот договор кој беше појдовна точка за заедничи соживот во земјата, со ваквото однсеување се става во опасност. Исто така е нормално, што на грчкиот национализам се одговара со македонски национализам, сето тоа создава проблеми. Затоа можеби Грција ќе си создадеше добро и себеси, а не само на соседот, ако прифатеше да започнат преговорите. На тој начин ќе се помогне за развојот на демократијата во Македонија“, нагласува претседателката на комисијата за култура при Европскиот парламент.

Дорис Пак се надева дека Грција конечно ќе ја разбере пораката која таа и нејзините колеги од Европскиот парламент ја испраќаат веќе подолго време.

„Вистински се надевам дека за време на грчкото претседателство, ќе направат еден чекор кон понормално, би рекла и ‘похристијанско’ однесување и дека европска Грција ќе реагира како членка на Европската Унија и ќе најде за време на нејзиното претседавање едно решение за прашање кое не заслужува да го блокира секое движење на Македонија кон Европа“.

На прашањето на ДВ, што ако Грција не попушти во своите „црвени линии“, дали постои една алтернатива која ЕУ би и ја понудила на Македонија ако не биде решен проблемот со името, германската европратеничка вели:

„Во тоа е и проблемот. Немаме друго решение. Европската Унија направи се од нејзина страна, исто како и Македонија и тоа веќе одамна за да започне преговори. Ние немаме други можности и инструменти. Сега ја имаме само волјата и определбата да ги убедиме Грците да прекинат со нивното однесување, кое не е коректно и праведно. Неможеме да дадеме друго решение, бидејќи такво решение нема“ , завршува Дорис Пак.