1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Допинг и политичка злоупотреба – темна страна на олимпијадата

Коментар на Ханспетер Детмер

Наспроти возбудливоста на спортските натпревари на игрите, над олимпијадата во Атина се надвиснува сенката од скандалозни кршење на нормите против допинг, како и од злоупотребата на спортот за политички цели. Меѓународниот олимписки комитет – ИОЦ, повторно се чини дека е немоќен.

Кршењето на правилата против допингот се‘ повеќе зема замав и притоа се применуваат се‘ повеќе трикови. Грчките атлетичари Костас Кентерис и Екатерини Тану, соочени со обвинение дека спротивно на правилата избегнаа контрола, играат на тактиката на одолговлекување. За вчера закажаното сослушување пред Дисциплинската комисија на ИОЦ уште еднаш е одложено за наредни 48 часови. Последиците од ефектот на одолговлекување кај допингот се познати: разградување на супстанците, чие што користење треба да се докаже. Се поставува прашањето: нема ли така на крајот да се загуби и супстанцата на обвинението против Грците дека свесно ја избегнале контролата?

Покрај сите проблеми со кои чуварите на олимписките правила мораа да се борат уште во првите денови на игрите во Атина, се чини дека два политички фаула како побргу да сакаа да бидат заборавени. Прво, тоа се демонстративно во знакот Ве – победа, раширените прсти на знаменосецот на палестинската екипа за време на дефилето во стадионот при свеченото отворање. Не е потребна голема фантазија тој знак да се толкува како политички, со оглед на конфликтот меѓу Израелците и Палестинците, но тоа не може да се докаже. Во спротивно, би значело дека Палестинката која го носеше знамето ја прекрши Олимписката повелба во чија преамбула се вели дека цел на олимпиското движење е да даде придонес за изградба на мирољубив и подобар свет со тоа што со помош на спортот младите ги воспитува да се откажат од секаква форма на дискриминација и, во олимписки дух на меѓусебно разбирање, да постапуваат во духот на пријателство, солидарност и фер-плеј. Освен тоа, во повелбата содржи одредба за спротивставување на секаква злоупотреба на спортот за политички цели, па се вели дека е забранета секаква политичка, религиозна или расистичка демонстрација на олимписките борилишта. Најмалата реакција на ИОЦ мораше да биде Палестинката официјално да биде прашана од што се мотивирала за тој двосмислен знак.

Но, однесувањето на иранскиот џудист Араш Миресмејли е уште посомнително. Светскиот првак и фаворит за златен олимписки медал прво демонстративно најави дека не сака да настапи во првото коло против израелскиот претставник Ехуд Вакс – несомнено политички, антиизраелски акт, кој беше јавно пофален од иранскиот претседател Мохамед Хатами. ИОЦ веќе и поради ова би морал да го казни Миресмејли. Но, тој со трик ги избегна санкциите што му се закануваа: пред натпреварот добро се нахранил и поради пречекорената тежина на мерењето, според правилата, беше избришан од стартната листа.

Резиме: политичките демонстрации не исчезнаа од спортот. Проблемите очигледно се кријат во подробности: за политички мотивирана неодмереност за жал, нема олимписки казнени параграфи.

Ханспетер Детмер