1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Донирање органи врз грбот на сиромашните

Први јуни е Ден на донирањето органи. Во светот, и покрај кампањите, има премалку донирани органи. Затоа, дали и како некој ќе стигне до орган кој ќе му го спаси животот, често зависи од длабочината на паричникот.

Виру има 13 години и живее во мало село во Индија. Таму, на три часа возење јужно од Њу Делхи, веројатноста да те купат додека си дете е голема. Цената на Виру е 2500 рупии или околу 38 евра. Тој работи во фабрика и составува фалсификувани чанти Гучи. Мора да состави 200 чанти дневно или во спротивно ќе ја навлече врз себе лутината на сопственикот.

„Кога ќе пораснам ќе бидам богат“, вели Виру. „Тогаш ќе го продадам својот бубрег и веќе нема да мора да работам.“ Татко му, кого не го видел веќе четири години, постапил исто. Во сламовите во големите индиски градови се шират гласини дека постои можност да се избега од сиромаштијата. Еден бубрег на пазарот на црно чини околу 55.000 рупии, или околу 800 евра, што за многумина Индијци е богатство.

Земјата ја има забрането трговијата со човечки органи и пред неколку години ги заостри казните од две на пет години затвор, но тоа речиси и нема застрашувачко дејство. Бизнисот со човечки органи е вносен, а ризикот да се биде откриен е мал, дотолку повеќе што донаторот на органот се претставува како пријател на примателот на орган и парите што ќе ги добие ги декларира како подарок. Оттука, испрашувањето што го врши официјална комисија на владата е само фарса.

Органите како економски фактор

Уште во 2003 година антропологот Ненси Шепер-Хјус во медицинското стручно списание „Лансет“ укажа дека туризмот чија цел е трансплантација на орган станува економски фактор во сиромашните земји и секаде и секогаш се одвива во иста насока - од југ кон север, од исток кон запад, од сиромашен кон богат, од темна боја на кожата кон светла.

Еден индиски или африкански бубрег чини околу 1000 американски долари, бубрег од Романија или Молдавија околу 2700 долари, а турски бубрег има цена до 10.000 долари. Во САД трговците со бубрези може да заработат до 30.000 долари од една трансакција, некогаш дури и десет пати повеќе од тоа.

Во 2011 година во светот биле трансплантирани околу 110.000 органи, од што 76.000 бубрези, вели лекарот Лук Ноел за ДВ, кој во Светската здравствена организација е надлежен за исправноста и безбедноста на органите што се трансплантираат.

Сиромашните остануваат со празни раце

Трговијата со органи - бескрупулозното искористување на надежта на едните и безизлезноста на другите - е бизнис во кој се вртат милијарди. Организацијата „Органс Воч“ го опишува типичниот примател на дониран орган во САД, Саудиска Арабија или Австралија: тој е маж, има 48,1 година и годишни примања од 53.000 американски долари. Типичниот донатор доаѓа од Индија, Молдавија или Бразил, тој е маж, има 28,9 години и годишни примања од 480 долари.

Лекарите патуваат шриум светот и пресадуваат органи секаде каде што е тоа можно без големи контроли. Кога некоја болница некаде во Јужноафериканската Република или Бразил ќе биде откриена, по неколку дена хирурзите заминуваат во друга земја. Во моментов се омилени пред се‘ клиниките во Кипар и во Казахстан.

Во Германија прекршувањето на законот за трансплантација се казнува со затвор во траење до пет години, вклучително и лицето кое го прима органот. Тоа важи и во случаи кога трансплантацијата била извршена во странство. Во земјата во моментов на нов бубрег чекаат околу 8000 пациенти. Добивањето орган во Германија и шест други европски земји (Австрија, Белгија, Луксембург, Холандија, Хрватска и Словенија) се одвива преку фондацијата Еуротрансплант. Фондацијата е со седиште во Лајден, во Холандија. Таму има картотека на лицата кои чекаат на орган и составена е листа на чекање. Врз основа на лабораторсики анализи за секој потенцијален примател на орган се формира вредност која е решавачка на кое место на листата тој ќе се најде.

Трговија со органи - да се дозволи или да се спречи?

Според експертите, неопходни се повеќе живи донатори на органи. Дури и кога секој во Германија би изразил подготвеност да ги стави своите органи на располагање по смртта, веројатно се‘ уште ќе има потреба од органи. Фридрих Брејер, стручњак за економски прашања во сферата на здравството од

универзитетот Констанц, во еден текст во весник од законодавецот бара да даде дозвола за регулиран пазар на органи. Само така може да се зголеми понудата на бубрези за донирање. „Слободниот пазар не само што создава работни места и благосостојба, туку може да спасува и животи“, вели Брејер. Тој дури оценува дека ваков систем е морална обврска.

Гинтер Кирсте, поранешен прв човек на германската фондација за трансплантација на органи, има поинаков став: „Трговијата со органи е многу лоша форма на експлоатација на сиромашните, пред се‘ на луѓето во третиот свет. Има илјадници луѓе кои во Пакистан или Филипините го донирале својот бубрег и кои се во мизерна состојба.“

Тоа на Виру, индиското момче кое лепи фалсификувани Гучи-чанти, му е сеедно. Тој вели: „Сакам со парите што ќе ми ги дадат да си изградам куќа и да не морам веќе да работам.“ Тој се‘ уште не знае дека ваквиот сон е нереален, а можеби и опасен по живот.