1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Донесе ли посетата на Обама нов почеток во односите?

Американскиот претседател Барак Обама со посетата на Москва сакаше да отвори ново поглавје во односите меѓу САД и Русија. Резултатите од посетата можеби влеваат надеж дека тоа може да се случи, но не се јасен пресврт.

default

Внимателно наведнување: Обама и Медведев во Москва

Првата посета на Барак Обама на Москва не беше лесна задача, ниту за него, ниту за неговите домаќини, претседателот Дмитри Медведев и премиерот Владимир Путин. Задршките, скепсата и недовербата беа заемни и добро видливи. Тоа не е никакво изненадување, со оглед на фактот дека за време на владеењето на неговиот претходник, Џорџ Буш, американско-руските односи многу се заладија. Некои оценуваа дека станува збор дури за нова „студена војна“. Сегашните обиди за надминување на лошата состојба се должат, пред се`, на политичката волја на новиот американски претседател. Но, првата средба со највисокото раководство на Русија сигурно му покажа дека тоа нема да биде лесна задача, особено ако не е подготвен да менува нешто во досегашните темели на американската политика кон оваа земја.

Разумна соработка

Постигнатата согласност со претседателот Медведев околу планот за нуклеарно разоружување, како и дозволата на Русија за прелет на американски воени транспортери за мисијата во Авганистан, се секако знаци на разумна соработка меѓу двете сили. Но, тие ни од далеку не можат да се сметаат за нов почеток во односите.

Obama in Moskau bei der New Economic School vor Studenten

Шармантен настап, но дали е тоа доволно? Обама на Економскиот факултет во Москва

Разликите се` уште се многубројни и длабоки, како по прашањето на американскиот ракетен штит во Источна Европа, така и околу членството на Украина и Грузија во НАТО. Згора на тоа, има проблеми и околу атомската програма на Иран, а и демократските дефицити во Русија се камен на сопнување. Ако Барак Обама сака навистина да ја стекне довербата на Кремљ, нема да биде доволен неговиот помирлив и пријателски тон. Тој ќе треба да им излезе пресрет на руските позиции, на пример по прашањето на загрозеност поради антиракетниот штит и приемот на Украина и Грузија во НАТО.

Тоа Обама во моментов или не сака, или не може да го стори, иако најави дека во иднина повеќе ќе ги зема предвид руските интереси. Недоверливото руско раководство, секако, очекува повеќе од топли зборови, во спротивно ќе го продолжи сегашниот надворешно-политички курс.

На крајот

Значи, Обама ги оствари минималните цели на неговата нова политика кон Русија, чии детали патем не ги откри. Доби принципелна согласност за нуклеарното разоружување, ограничена поддршка за мисијата во Авганистан, а возобновена е и рамката за натамошни преговори околу сите проблеми. Но, токму тие ќе покажат дали станува збор навистина за нов почеток во меѓусебните односи на двете големи сили или конфликтот на интереси е сепак толку голем, што доближувањето и соработката ќе останат само прокламирана цел.

Автор: Инго Мантојфел / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска