1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Донаторска конференција за Либан

Трагите на уништување што ги остави 34 дневната војна во Либан се големи. Меѓународната заедница тешко се снаоѓа со политичките решенија на кризата, но ветува дека што се однесува до обновата на уништеното, помошта ќе биде побрза. Денеска во Стокхолм се одржува донаторска конференција.

Бејрут

Бејрут

350 претставници од речиси 60 земји учествуваат на донаторската конференција организирана за кусо време, од страна на ОН и шведската влада. Најважен гостин, без сомнение е либанскиот премиер, Фуад Синиора, додека голем број земји ќе бидат претставени на ниво на министри. Германија ја испраќа министерката за развој, Хајдемари Вичорек Цојл, која пред само неколку дена беше во Либан и со свои очи го виде обемот на уништувањата.

Шведските организатори на конференцијата се задоволни од одгласот на нивната покана. Државниот секретар од шведското министерство за надворешни работи, Аника Содерс, вели: “Што се однесува до учеството, реакцијата е многу позитивна.“

Она што сеуште не е познато е колку пари секоја од земјите е подготвена да одвои за обнова на Либан.

“Проценка на либанската влада, со поддршка на ОН, е дека во наредните месеци ќе бидат потребни околу 500 милиони долари.“

Каталогот на задачи што го составиле Либанците е обемен – тој се однесува на голем број сфери од јавниот живот и на инфраструктурата на земјата – од сместувалишта за протераните, преку обнова на електричната мрежа, телекомуникациите и транспортот, а опфатени се и здравството, образованието и снабдувањето со вода, како и обнова на уништеното во индустријата.

Шведска планира да даде 20 милиони долари помош, додека Европската комисија вети итна помош од 42 милиони евра. Еврокомесарот за надворешна политика, Бенита Фереро Валднер, изјави: “Нашиот фокус, првиот фокус така да се каже, ќе биде ставен врз опоравување и рехабилитација.“

Од министерството за надворешни работи во Шведска велат дека е многу важно, да не се случи, како на многу донаторски конференции досега, да се остане само на ветувања, туку парите навистина да пристигнат: “Важно е да имаме т.н. фолоу-ап-механизам, за земјите не само да даваат ветувања, туку да дадат и пари, зашто тоа е итно неопходно“, вели Содерс.

Истото важи и за донаторската конференција што во Стокхолм ќе се одржи утре, а е наменета за помош за Палестинците.