1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Домашни задачи и за Западен Балкан , но и за Европа...

Европските перспективи за Западниот Балкан остануваат, но обврски имаат не само земјите од регионот туку и ЕУ констатираа учесниците на конференцијата : „Дали и колку се разделени ЕУ и Западниот Балкан“.

default

Иднината на земјите од Западниот Балкан е во Европската унија. Ова уште еднаш го потврдија германските политичари кои се занимаваат со регионот на меѓународната конференција “Дали и колку се разделени Европската унија и Западниот Балкан ”. На собирот што го организираше Фондацијата „Фридрих Еберт“ присуствуваа претставници на земјите од регионот и стана збор за нивото на постигнатиот интегративен процес и визната либерализација.

"Тука говориме за земјите од Западен Балкан, за седумте држави на кои од јуни 2003, со заклучокот на Советот на министрите на ЕУ од Солун, им е ветена европската перспектива. Германија е една од земјите која секогаш подвлекува дека останува на ветувањето, кое е повторено и во 2006 и се обидува овие земји активно да ги подготви за идната интеграција. Иако е јасно дека има многу предуслови, треба многу да се направи, за што треба време...“ - изјави на отворањето на конференцијата Ернот Ерлер, државен секретар во германското МНР.

Доза самокритика

Европските перспективи ги потврдија и германските парламентарци кои учествуваа во дебатата. Тие повторија дека Унијата мора најпрво самата да се реформира, да може ефикасно да одлучува, па потоа да се проширува. Но, се слушна и самокритика упатена на адреса на ЕУ - дека во изминативе години не направи доволно.

"Моите проценки се дека кај германското население нема голем отпор за приклучување на Западниот Балкан. Ние имаме историја со некогашните југословенски работници. Тие беа добро интегрирани и немаше проблеми. Сметам дека германскиот народ не знае дека со распаѓањето на Југославија и воведувањето на визите е создадена толку голема бариера меѓу тие народи и Германија и Европа” - подвлече Мари-Луизе Бек од Партијата на Зелените.

Marie-Luise Beck

Мари-Луизе Бек

Визна либерализација

Незадоволство од постигнатото искажа и либералот Рајнер Штинер, во делот од дебатата за визната либерализација со коментарот:

“Тоа е апсурдна игра или поточно тажна ситуација која трае повеќе години, во која ние политичарите за надворешни работи сме со исто мислење, дека за интегрирањето на регионот во Европа важно е народот и посебно младите да имаат можност да ја запознаат Европа. Политичарите, пак, задолжени за внатрешни работи застапуваа поинаква линија, што беше недозволливо. Се радувам што има исчекор напред и се надевам дека, со исполнувањето на условите, ќе има визно ослободување”.

Принцип на добрососедство

Еден од принципите кои, како значајни за ЕУ, беа истакнати на конференцијата, беа добрососедските односи, за кои Ангелика Швал Дирен од СПД појасни:

"Кој сака да биде или е член на ЕУ, како Грција, е обврзан да го применува принципот за добрососедство. Секогаш ќе има конфликти меѓу ооделни земји, но тие мора да се решаваат во духот на заедничката соработка. Секој од своја страна мора да направи чекот напред”.

На конференцијата учествуваше и Малинка Јорданова од Секретаријатот за европски прашања од Скопје, која изјави дека за Македонија на ваквите собири е важно да ги реафирмира своите приоритети: почетокот на пристапните преговори до крајот на годинава и визната либерализација.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Жана Ацеска