1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Должничката криза удира по џебот на младите

Младите на возраст од 20 до 30 години во Атина, со тешкотии се пробиваат на пазарот на трудот во Грција, а кога ќе најдат работа, платата е ниска. Понуди за работа најчесто им стигнуваат од странство.

default

Грчката младина финансиски не може да застане на свои нозе

Панајотис Цацаклас е во свој елемент кога ги советува муштериите. Речиси три години ова 28ßгодишно момче е вработено во фирма за мобилна телефонија. Тој е задолжен за контакт со муштериите, склучува договори, продава мобилни телефони и дополнителна опрема. Многу пари со ова вработување не може да заработи.

„700 евра. Не е најдоброто, што може да му се случи некому, но пресреќен сум што воопшто имам работа и некако врзувам крај со крај.“

Точно во 14 часот, Панајотис ја затвора продавницата. Филијалата во атинскиот кварт Ампелокипи ќе биде отворена повторно дури за три часа. Панајотис и неговите колеги паузата ја минуваат во околните кафулиња или во некој фастфуд ресторан. Да одат до дома и повторно на работа, најчесто не им се исплаќа.

Нивните разговори постојано се вртат околу кризата, ниските примања, лошите работни услови во Грција. „Барам понуди за работа во странство. Најдов нешто во Абу Даби и Катар, таму како дипломиран инженер можам да заработувам 2.000 евра со платен стан. Исто така, таму имам шанси за напредување. Овде за истата работа се заработуваат 600 евра“, вели Цацаклас.

За младите е се’ потешко да формираат семејство

Тројцата колеги се едногласни дека како самци можат да преживеат и со малку пари. Но, за да се биде среќен честопати е потребно повеќе, вели 30 годишниот економист Нико Бурбуљас. „Не станува повеќе збор за тоа да се преживее. Станува збор на квалитет на живеење. Ако имаш две деца, работиш од утро до вечер и немаш време за семејството, ниту слободно време, не можеш барем еднаш неделно да излезеш, немаш квалитетен живот. Живееш за да работиш.“

Со него е согласен и неговиот колега Андонис Монахос. 31-годишникот пред две години од Крит се пресели во Атина. Од 700-те евра што ги заработува, повеќе од половината му одат за еднособниот стан. „Живееме во време, во кое постојано се прашуваме, што не’ чека. Се’ е скапо, за да купиш неколку работи во супермаркет ти се потребни 50 евра, а да формираш семејство секако е невозможно.“

Flash-Galerie Athen Protest Streik Parlament 28.06.2011

На улица против мерките за штедење

Андонис, заедно неговите пријатели и илјадници други граѓани, летово протестираше во Атина против мерките за штедење на владата. „Едноставно не оди јас да плаќам поголем данок од лекар во елитниот кварт Колонаки. Но, во оваа земја не функционира ништо, нема ниту еден единствен политичар, кој може да не’ инспирира. Излеговме на плоштадот Синтагма затоа што и’ припаѓаме на генерацијата 700 евра и живееме во многу лошо опкружување, со висока невработеност, во секое семејство има по еден невработен, кого мора да го издржуваат останатите членови од семејството.“

Понуди за работа пристигнуваат од странство

Проблем што и’ е познат и на Ралу Санторинау и нејзиниот партнер Антон Дарвирас. Двојката една година живее заедно. Живеат во двособен стан од 55 метри квадратни. За да го реновираат подигнале кредит. Но, Антон потоа остана без работа. „Многу е тешко. Повеќе не излегуваме и се храниме на минимум. Дури честопати моите родители ни‘ носат јадење, готват и купуваат за нас.“

Во Грција оние кои останале без работа добиваат паушален износ од околу 450 евра месечно, и тоа во рок од една година. Потоа нема никакви примања. На Антон му останале уште четири месеци. Секојдневно бара соодветна работа преку интернет. „Постојано конкурирам во големи фирми, се’ едно дали имаат отворни работни места или не. Повеќето воопшто не ми ни‘ одговараат. На почетокот барав во областа на економски науки, сега барам се’ можно, се’ едно каква работа.“

На неговиот профил на интернет Антон повремено добива и понуди за работа, но сите се од странство, најчесто од САД. „Ниту една од Грција, тоа ме чуди. Но, да се иселам, тоа во моментов воопшто не ми е лесно, тоа е голема одлука“, подвлекува Антон, а неговата девојка дополнува: „Ми се допаѓа во Грција и сакам да живеам тука, но ако видиме дека на друго место има подобра перспектива, зошто да не?“

Автор: Родотеа Сералиду / Александра Трајковска  

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска