1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Долевање масло на огнот

Кусо пред одбележувањето на деветгодишнината од терористичките напади на Ал Каеда врз САД од 11 септември 2001 година, повеќе вести го подгреваат лошото расположение меѓу христијаните и муслиманите.

default

Уште не се смири бурата во германската јавност околу навредливите тези на членот на Управниот одбор на Бундесбанката Тило Сарацин, а веќе дојде следниот бран лошо расположение против муслиманите. Имено, токму спроти свеченото завршување на месецот на пости, Рамазан, еден налудничав свештеник во САД повика на јавно спалување на коранот, токму на денот на терористичките напади и со образложение дека исламот бил „ѓаволско дело“. Владите од светот се чини дека се беспомошни. Само американските пожарникари најавија дека имаат намера да го прекинат ваквиот спектакл и тоа со образложение дека палењето на книгите било штетно за земјината атмосфера.

Исто така неделава во градот Потсдам данскиот карикатурист Курт Вестергорд ја доби престижната медиумска награда на Здружението на новинарите за „неговата храброст“ при цртањето на спорните карикатури на пророкот Мохамед.

Deutsche Welle Türkische Redaktion Bahaeddin Güngör

Авторот на коментарот, Баха Гингер

Со таквиот „уметнички чин“ Вестергорд меѓутоа индиректно го обвинува Мохамед дека е виновен за меѓународниот тероризам. На свеченоста присуствуваше и канцеларката Ангела Меркел, која го бранеше Вестергорд, повикувајќи се на слободата на медиумите и на правото на изразување сопствено мнение.

Наелектризирано расположение

Расположението пред 11 септември е ионака секоја година раздразнето и тоа ширум светот. Доволни се и помали искри за да се придвижат масите едноставни и необразувани луѓе од муслиманските земји против американските установи и војници во нивните земји. Полазирирањето меѓу муслиманите и христијаните е во пораст, а таквиот раскол го користат меѓународните терористи, кои убиваат недолжни луѓе и тоа без оглед на нивната религиозна припадност. Тие се вистинските непријатели, бидејќи го злоупотребуваат исламот за нивните безбожнички цели и против нив треба сите да се борат, а не едни против други. Во таа борба треба на истата страна да се најдат припадниците на сите светски религии, а тоа подразбира претходно воспоставување меѓусебна доверба посебно меѓу христијаните и муслиманите. Наместо светот да се движи во таа насока, односот меѓу муслиманите и христијаните постојано доживува нови оптоварувања. Одговорноста за тоа ја носат и западните влади, бидејќи во нивната борба за повеќе гласови на домашната политичка сцена си дозволуваат да долеваат масло на огнот.

Автор: Баха Гингер

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска