1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Долг пат на помирување

Ерменците низ целиот свет денеска им оддаваат почит на сонародниците, кои во 1915 и 1916 година биле убиени од тогашното Османлиско царство. Турција, пак, тврди дека тие загинале во борбени активности.

default

Односите ги отежнува и конфликтот околу Нагорно Карабах

Вакво нешто првпат се случува во Истанбул - јавна манифестација во спомен на Ерменците, убиени пред 95 години. Организацијата „Кажи ’не’ на расизмот и национализмот“ за вечерва (24.04.) повика на комеморација на централниот плоштад Таксим во Истанбул, за што добиле дозвола и од надлежните власти.

Gedenken an Völkermord an Armeniern 2005

Историчарите проценуваат дека биле убиени 1,5 милиони Ерменци

Пред само неколку години ова би било незамисливо. Секој во Турција можеше да смета на тужба, доколку јавно проговори за ерменските обвинувања за геноцид, темата беше табу во земјата. Меѓутоа, кога во 2007 година на сред бел ден беше убиен шефот на еден ерменски весник во Истанбул, ерменското табу беше скршено. Илјадници лица излегоа тогаш на улица и јавно му оддадоа почит на ерменскиот новинар. „Ерменското прашање беше табу, што сега веќе конечно го снема. Сега и во медиумите и во кафулињата се зборува за Ерменија, ова прашање е многу важно за Турција“, истакнува новинарот Аидин Енгин.

Турција постојано поставува нови барања, велат од Ереван

Турската и ерменската влада, меѓу другото, се договорија наскоро да воспостават дипломатски односи и да отворат заедничка граница. Меѓутоа, ерменскиот претседател Серж Саркасиан во четвртокот го блокираше потпишувањето на договорот. Причина - Ерменија не го потпишува договорот, се` додека Турција поставува нови и нови услови.

Ахмет Давутоглу, турскиот министер за надворешни работи, опуштено реагираше на замрзнувањето на договорот од ерменска страна. Процесот е прекинат, но не е целосно сопрен, истакна Давутоглу вчера во едно интервју, истакнувајќи дека најверојатно во Ерменија се` уште има потреба за расветлување на некои работи.

Genozid Türkei Armenien

Турски војници спроведуваат Ерменци во затвор во 1915 година

Геноцид или не?

Ерменија инаку го прифати барањето на Турција да се оформи експертска комисија од историчари, чија цел ќе биде да утврди дали настаните од 1915 и 1916 година биле геноцид или не. Ерменските историчари проценуваат дека во масовните убиства биле егзекутирани 1,5 милиони Ерменци. Меѓутоа, голем број Ерменци од дијаспората протестираат против формирањето на ваква комисија. Арам Хампариан, од Ерменскиот национален комитет во САД истакнува: „Ерменија е принудена на исклучително опасно признание. Тоа со децении е дел од турската кампања на негирање. Ние сме категорично против ваквата комисија. Не постои никаква причина геноцидот да се преиспитува. Тоа е како да преиспитувате дали масакрот врз Евреите во Втората светска војна навистина бил геноцид. Историјата го потврдила тоа“, вели Хампариан.

Останува надежта дека денешната комеморација за ерменските жртви во Истанбул ќе придонесе за приближување на двата народа.

Автор: Томас Борман / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска