1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Долготрајната процедура - магнет за „лажните азиланти“ од Балканот

Во анализата на Европската иницијатива за стабилност, зголемувањето на бројот на „лажни“ азиланти се доведува во директна врска со должината на процедурата по која се решаваат барањата за азил во одделни земји на ЕУ.

Долготрајните процедури за решавање на барањата за азил во одделни земји од ЕУ, со социјалната помош која следува при тој процес, делуваат како магнет за азилантите од Западен Балкан, чиј број расте од година во година, иако нивните барања во најголем број случаи се одбиени како неосновани, се наведува во анализата на Европската иницијатива за стабилност од јануари годинава.

На ниво на ЕУ, бројот на азилати од земјите од Западен Балкан расте од 2009 година наваму, но тие се концентрирани во неколку земји - две третини од сите барања во текот на 2012 година се поднесени во Германија, Шведска и Белгија, во кои процедурата, заедно со роковите за жалба, можат да траат и повеќе месеци.

Според податоците од неколку европски земји во кои минатата година имало најмногу азиланти од Србија, процентот на позитивно решени барања за азил изнесува помеѓу нула и три проценти. На ниво на ЕУ, во третиот квартал во 2012, според податоците на Еуростат, речиси сите барања од Србија се одбиени.

Србија, не сметајќи го Косово, во третиот квартал од минатата година со 5.370 барања била четврта на листата земји по број на граѓани кои побарале азил во некоја од земјите на ЕУ. Во тој период во ЕУ азил побарале и речиси еднаков број граѓани од Македонија - 5.315 и уште 2.500 од Косово.

Infografik Asylerstanträge Deutschland 2012

Број на баратели на азил во Германија по земја на потекло во периодот од јануари до октомври 2012 година

Германија како пример

Најчесто одредиште на азилантите од Србија во 2012 година била Германија, во која државјаните на Србија се и одделно најбројна групација меѓу азилантите.

Барање за азил во текот на минатата година во Германија поднесле 8.477 српски државјани, што, според податоците на Министерството за внатрешни работи, е 40 проценти повеќе од претходната 2011 година, а повеќекратно пораснал и бројот на државјани од Македонија и од БиХ кои во таа земја побарале азил.

Граѓаните од подрачјето на поранешна Југославија во 2012 година поднесле една третина од вкупниот број барања за азил во Германија, но според податоците на германското МВР „ниту во еден случај не е утврдено прогонување релевантно за добивање азил“.

Во последниот квартал во 2012, меѓутоа, во Германија е драстично намален приливот на азиланти од Западен Балкан. Меѓу останатото, на барањата од државјаните на Србија и Македонија им е давана предност во процедурата која е скратена на само десетина дена, со што драстично се намалени и социјалните давачки. По примената на новите мерки, бројот на граѓаните од Србија кои во Германија барале азил паднал на 2.673 во октомври, на 1.306 во ноември и на само 302 во декември.

„Суспензија на визната слобода би била драконска мерка

Најголемиот пораст на вкупниот број на азиланти од третиот квартал во 2012, според податоците на Еуростат, е забележан во Германија, Шведска и Швајцарија, а меѓу азилантите од Западен Балкан најбројни се граѓаните од Србија и Македонија.

Во анализата на Европската иницијатива за стабилност од јануари 2013. се наведува дека бројот на азиланти од Западен Балкан во земјите на ЕУ е во пораст откако на граѓаните на тие земји им се укинати визите за патувања во ЕУ, но во исто време зголемувањето на бројот на азиланти од Западен Балкан се доведува во директна врска со должината на процедурата по која се решаваат барањата за азил. Се заклучува дека во најголем број случаи станува збор за луѓе кои се обидуваат да искористат социјална помош и други бенефиции кои согласно прописите на земјите во кои доаѓаат им следуваат додека чекаат нивното барање да биде решено, додека е занемарлив бројот на оние кои имаат основани причини да бараат азил.

Поради тоа, според мислењето на авторот на анализата, суспензијата на безвизниот режим за земјите од Западен Балкан не би била вистинско решение за проблемот со азиланти, туку „драконска контрапродуктивна мерка која би го загрозила кредибилитетот на визната политика на ЕУ.“ Можно решение авторите гледаат во комбинирањето на мерките на национално ниво и на ниво на ЕУ. Членките на ЕУ би требало да ги сменат прописите и да ги скратат процедурите за решавање на барањата за азил од земјите од Западен Балкан, додека ЕУ сите земји од Западен Балкан опфатени со визна либерализација би требало да ги прогласи за „безбедни земји“.