1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Долгите раце на допинг-ловците

Дали Меѓународниот олимписки комитет прави доволно во борбата против допингот? Како на меѓународно ниво се спроведуваат мерките против допинг? Еве како изгледаат работите пред Олимписките игри во Лондон.

„Допингот никогаш нема да исчезне сосема, зашто измамата е дел од човечката природа“, вели претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Жак Рог, додавајќи: „Но мораме да го сведеме допингот на најниско можно ниво и токму тоа и го правиме.“ Јасни зборови на Рог, само што праксата остава простор за сомнеж. Од Олимписките игри во 2004. година пробите со крв и урина се замрзнуваат и складираат за период од осум години. Пролетва меѓутоа беше обелоденето дека ниту една единствена проба од вкупно 3.700 проби од игрите во Атина не е тестирана дополнително.

Одговорните за допинг во МОК сметаат дека дополнителни контроли на примероците не се потребни затоа што, како што тврдат, веќе при првичните контроли може да се открие дали спортистот се послужил со недозволени средства или не. Но независни стручњаци, како Марио Тевис од Факултетот за спорт во Келн, сметаат дека со поновите методи и многу години подоцна е многу едноставно да се откријат случаите на допинг. Имено, многу методи кои во моментот на тестирање не биле развиени, можат да се применат подоцна.

Logo der welt-anti-doping-agentur WADA

Клучна улога притоа има Светската антидопинг агенција (ВАДА). Понекогаш нема доволно координација меѓу ВАДА и нејзините национали канцеларии. ВАДА неодамна воведе построги казни за прекршителите, но не сака да запре само на тоа. Главниот директор на ВАДА, Дејвид Хаумен, смета дека казните би требало да се прошират и на околината на спортистите. „Родителите, тренерите и адвокатите би требало исто така да бидат казнети ако се докаже дека го поттикнувале спортистот на допинг“, смета Хаумен.

David Howman World Anti-Doping Agency (WADA)

Дејвид Хаумен

Но допингот прво мора да се докаже. Во моментов антидопинг агенциите во светот се борат со многу конкретни финансиски проблеми кои често оневозможуваат потемелни контроли. На пример, во Германија се спроведуваат контроли на урина, кои се поевтини од контролите на крв, кои се подетални, но и поскапи. И покрај поевтините контроли, на германската аггенција за контрола на допингот оваа година и‘ се заканува финансиска дупка од над 1,3 милиони евра. Политичарите одговорни за финансирање се обвинуваат меѓусебно.

Спектакуларни случаи, како оној на американскиот велосипедист Ленс Армстронг, кому поради сомневање за долгогодишен дипоинг му се заканува одземање на многу досегашни титули, привлекуваат внимание на медиумите, но повеќето случаи се одигруваат далеку од очите на јавноста. Тоа е факт за кој многумина се свесни, особено во предвечерјето на Олимписките игри.