1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Долгиот пат на Србија кон ЕУ

Србија би можела да биде 29. земја членка на ЕУ. Утре (21.01) земјата ги почнува преговорите за пристап. Но, патот на балканската држава кон ЕУ не е едноставен. Една од клучните точки е - односите со Косово.

За Белград почетокот на преговорите за пристап со ЕУ е историски чекор во правец на Европа. Комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе најави дека на 21. јануари 2014. година ќе се одржи првата конференција на владино ниво меѓу Брисел и Белград. „Со тоа започнува всушност работата и интеракцијата меѓу земјите членки и Србија - се разбира со поддршка од Комисијата на ЕУ“, вели Филе во разговор за Дојче веле.

Од 1. март 2012. година Србија официјално има статус на земја членка за пристап во ЕУ. Никој не може да предвиди колку долго ќе траат преговорите за пристап. Експертите сметаат најмалку со шест години - толку долго траеа преговорите со Хрватска (од 2005. до 2011, а земјата пристапи во ЕУ на 1. јули 2013. година). „Србија е тежок кандидат“, вели експертот за Југоисточна Европа Душан Рељиќ, раководител на канцеларијата на Фондацијата наука и политика во Брисел, „не само поради историјата, нерегулираните конфликти со Косово, туку и поради тешката економска ситуација и натаму постоечките дупки во областа на почитување на правната држава и јакнење на политичките институции“.

Односите со Косово - камен на сопнување

Освен Копенхашките критериуми, кои се задолжителни за сите кандидати за пристап - меѓу другото демократија, правната држава и економска конкуретност, кај секој кандидат за пристап има и конкретни услови, кои се однесуваат на неговата специфична ситуација.

Karadzic und Mladic Archiv 1993 in Pale

Србија ги израчи осомничените воени злосторници Радован Караџиќ и Ратко Младиќ

За Србија тоа беше соработката со Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија во Хаг. Овој услов Белград веќе го исполни со апсењето и израчувањето на осомничените воени злосторници Ратко Младиќ и Радован Караџиќ.

Централен услов сега се односите со Косово. Поранешната јужна српска покраина во 2008. година прогласи независност, која од Белград до денес не е признаена. Меѓутоа владата во Белград потпиша договор со косовската влада, кој предвидува широка автономија за српската заедница на Косово, и истовремено го ограничува директното влијание на Белград врз оваа заедница.

За време на преговорите за пристап ЕУ многу внимателно ќе ги надгледува односите на Србија со Косово. На крајот на овој процес ќе биде неопходна правно обврзувачка спогодба за нормализирање на односте меѓу Србија и Косово, се вели од страна на ЕУ. За да ѝ пристапи на ЕУ Белград меѓутоа не мора официјално да го признае Косово како независна држава. Тоа досега го немаат сторено ниту пет други држави на ЕУ - Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка.

„Мнозинството граѓани би гласале за ЕУ“

Во Белград денес на власт се поранешните националисти, кои во меѓувреме се сметаат за убедени заговорници за ЕУ. Директно на почетокот на столетието 80 проценти од граѓаните беа за тоа нивната земја да стане членка на ЕУ, но според актуелните анкети денес тоа го посакуваат само половината од нив. За подистанциран однос кон ЕУ придонесоа различни фактори - брзото признавање на независноста на Косово од страна на многу земји членки на ЕУ, сѐ посилниот впечаток дека ЕУ е заморена од проширувањето, но и некои пресуди на Трибуналот за Југославија во Хаг, кои во Србија се сметаа за неправедни - на пример ослободителната пресуда за хрватскиот генерал Анте Готовина, кој се вбројуваше меѓу најбараните осомничени воени злосторници на војните во Југославија.

Stefan Fule

Штефан Филе: Нема автоматизам во проширувањето на ЕУ

Покрај ваквата воздржана позиција кон ЕУ Иван Кнежевиќ од српската НВО Европско движење во Србија, е убеден дека во случај на референдум за европската иднина на Србија значително мнозинство ќе се изјасни за пристап во ЕУ. При преговорите за пристап наредни чекори според Кнежевиќ се „хармонизирање на законите со европското право и реална примена на ЕУ стандардите во пракса. Така што српските граѓани да имаат нешто од тоа“. Некои од предносите од приближувњето кон Европа веќе ги чувствуваат граѓаните на Србија: Од 2009. година тие можат да патуваат без визи во државите од шенгенскиот простор.

Корупција и висока инфлација

Меѓутоа на патот кон ЕУ Белград мора да реши уште многу проблеми. Корупцијата е многу проширена. Според актуелниот извештај на Транспаренси интернешнл Србија се наоѓа ан 72 место, зад Намибија. Инфлацијата изнесува околу 8,5 проценти и според експертите новите задолжувања во наредните години ќе бидат највисоки во регионот - со околу седум проценти од економската сила.

За можниот термин за прием за Србија никој не сака да шпекулира - ниту ЕУ- комесарот за проширување Штефан Филе. „Нема автоматизам во областа на проширувањето на ЕУ“, подвлекува тој. „Не само ЕУ комисијата мора да ги убеди земјите членки дека Србија на крајот на преговорите за пристап е подготвена на целосно членство - исто така и владите на поединечните земји мораат да ги убедат своите граѓани во тоа“.

Во Белград повеќе политичари веќе нагласија дека датумот за пристап самиот по себе не е толку важен - во прва линија е модернизацијата на земјата.