1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Долгиот пат на Србија во ЕУ

За разлика од досегашните кандидати за членство, овојпат на бриселските врати чукна „момчето на лош глас“. Сега тоа момче, ќе мора да го убеди мускулестиот германски вратар дека има чесни намери, смета Драгослав Дедовиќ

Сите членови на клубот, вклучително и Германија, му оддадоа признание на српското „момче“, кое инаку го бие глас на инаетчија, за големата преобразба.

Од средината на 2012. година во Белград се на власт некогашните радикални националисти, а токму тие, со посредување на Брисел, потпишаа договор со отцепеното Косово. Така Србија на ЕУ и подари надворешно-политички успех, а таквите успеси во Брисел се дефицитарни. Затоа следуваше награда.

И германските политичари знаат дека Србија има важна стратешка улога на Балканот. Не е случајно тоа што на интернет- страницата на германското Министерство за надворешни работи нема еднозначно вреднување на односите со Белград. Додека врските со Албанија се означени како „тесни и партнерски“, а односите со Хрватска како „одлични“, берлинската дипломатија основата на односите со Србија ја искова во формулацијата „поддршка на курсот на стопански и политички реформи“. Во јазикот на дипломатијата често е важно и тоа што се избегнува да се каже. Имено, дека односите со Белград се комплицирани.

Антисрпска политика?

Не е само погледот од Берлин кон Белград дистанциран и критичен. Тоа важи и во спротивниот правец. Во Србија не е заборавен „Милосрдниот ангел“, името со кое НАТО креативно го нарече тримесечното бомбардирање на Србија во 1999. година во кое учествуваше и Германија, и во кое, меѓудругото, со касетни бомби и муниција со осиромашен ураниум беа убиени повеќе цивили отколку војници. Токму затоа во земјата, членството во ЕУ има двотретинска поддршка, колку што има и противници зачленувањето во НАТО.

Deutsche Welle Serbisch Dragoslav Dedovic

Драгослав Дедовиќ

Накострешените националисти и натаму понекогаш ја обвинуваат Германија дека кон Србија спроведува политика на „четвртиот рајх“. Тие го толкуваат српско-германското воено непријателство од двете светски војни и од 1999. како знак на континуитет на антисрпската политика. Секако дека мнозинството српски граѓани не ги гледаат Германија и ЕУ црно-бело. Но латентната сомничавост кон Германија, која во добар дел се поклопува и со сомничавноста кон ЕУ и натаму е широко распространета.

Патот во ЕУ води преку Берлин

И покрај тоа во Белград е јасно дека односите со Берлин се суштински важни за успех на претстојните пристапни преговори. Од повеќе причини. Пред Србија е огромна задача: земјата е финансиски постојано на работ, корупцијата е дел од секојдневието, инфраструктурата е застарена, правосудството ниту е ефикасно ниту е имуно на влијанието на политиката, бизнисот и крупниот капитал.

Од друга страна, во фокусот на германската развојна помош на Балканот е токму Србија, Германија е најголем европски донатор во земјата и по Италија и најголем трговски партнер. Сепак, сегашното ниво на билатерални односи нема да биде доволно за одлучувачката фаза на приближување на Србија кон ЕУ.

Од Берлин досега допираше прилично студена дипломатска интонација и условување кое во Србија се доживува како ригорозно. Повремено, во дел од белградските медиуми, го воскреснуваат „лошиот Германец“ од минатото. Сите тие нешта постепено треба да се заменат со искрено партнерство и разбирање за чувствителните прашања.

Не треба да потценува значењето на техничките преговори во Брисел. Но, политичкиот пат на Белград во ЕУ води преку Берлин, кој пак, е заморен од проширување.