Долгиот пат на Меркел до Индија | Свет | DW | 31.05.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Долгиот пат на Меркел до Индија

Германската канцеларка стигна со два часа задоцнување во Њу Делхи, бидејќи Иран забрани прелетување на нејзиниот авион преку својот воздушен простор. Двата часа кружење над Турција, Меркел ги искористи за дремка.

Ангека Меркел за време на последната посета на Индија во 2007 година (фото: со индискиот премиер Манмохан Синг)

Ангела Меркел за време на последната посета на Индија во 2007 година (фото: со индискиот премиер Манмохан Синг)

Германската канцеларка Ангела Меркел, по четири години, повторно е во посета на Индија. Европа досега беше фокусирана претежно на Кина, но Индија добива се‘ повеќе „на тежина“. Германија и Индија воспоставија дипломатски односи пред 60 години - во 1951година. Иако Германија во изминатите години се концентрираше пред се‘ на Кина, германско-индиските односи се продлабочуваа. Сега канцеларката Ангела Меркел, по четири години, повторно е во посета на Индија, каде ќе и‘ биде доделена и највисоката политичка награда на индиската влада, наградата „Џавахарлал Нехру“.

„Германија и Индија не само што имаат добра економска соработка, туку соработуваат и во сферата на истражувањата, развојот и технологијата. Сакаме да ја зајакнеме ваквата соработка и да ја развиеме соработката по безбедносно-политички прашања, зашто Индија е земја што постојано страда од тероризмот.“

Вака германската канцеларка Ангела Меркел ја сумираше билатералната соработка со Индија за време на посетата на индискиот премиер Манмохан Синг, во декември 2010 година. Покрај тоа, волуменот на надворешната трговија до 2012 година би требало да се зголеми на 20 милијарди евра. За споредба, билатералната трговија во 1990 година изнесуваше само 2,7 милијарди евра.

Merkel Indien Besuch Iran verweigert Überflug NO FLASH

Меркел денеска првпат леташе со новиот Ербас А340-300, именуван според првиот канцелар на СР Германија, Конрад Аденауер

Кој има повеќе потреба од другиот?

Политикологот Раџендра Кумар Џаин од универзитетот „Џавахарлал Нехру“ во Њу Делхи оценува дека посетата на Меркел на Индија ќе ги продлабочи билатералните односи:

„Мислам дека фокусот на Германија, што се однесува до Азија, се менува. Досега повеќето европски земји беа фокусирани на Кина. Сега гледаме дека имиџот на Индија се менува.“

Но, и покрај сета хармонија, меѓу двете земји има се‘ уште конфликтни теми: „Важно конфликтно прашање кое досега не е решено е - како да се постапува со промената на климата? Германија е водечка што се однесува до одржлив развој и обновливи енергии. Индија, меѓутоа, во многу нешта е се‘ уште земја во развој и затоа на таа проблематика гледа поинаку. Тема е и изборот на нов шеф на ММФ. Уште при изборот на Доминик Строс-Кан се бараше да бидат земени предвид и земјите во забрзан развој и нивните кандидати за таа функција“, вели политикологот Раџендра Кумар Џаин.

Тој смета дека Германија треба интензивно да се занимава со Индија, зашто тоа е за нејзе важно. Индија, како нуклеарна сила и трета по големина демократија во светот, важи како гарант за стабилноста во многу немирен регион во светот. Во 2010 година Индија ја посетија пет шефови на држави и влади на водечките земји во светот - САД, Франција, Велика Британија, Кина и Русија. Индија е баран партнер од доверба и во многу меѓународни организации. Можеби Германија има повеќе потреба од Индија, отколку што Индија има потреба од Германија.

Автор: Прија Еселборн / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев