1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Долгата сенка на Хомеини

Пред 35 години, Иранците славеа: од престолот беше урнат шахот Реза Пахлави. Но на веселбата брзо и’ дојде крај - лидерот на револуцијата Хомеини ја приграби сета власт. Последиците се чувствуваат до денес.

Откако Хасан Рохани стана претседател во јуни 2013. година, од Техеран дуваат некои нови ветришта. Умерените исламски свештеници отворено говорат за соработка со Западот и за повеќе слобода за народот. Таквите изјави добро минуваат во странство, но на сите им е јасно дека новиот претседател не може сам да направи пресврт во состојбата. Според иранскиот Устав, моќта на шефот на државата е ограничена, а за сите важни прашања тој мора да му се обрати на врховниот лидер - Ајатолахот. Тоа и не изненадува, ако се има предвид дека актуелниот Устав во голем дел се потпира врз теоријата на ајатолахот Хомеини, човекот кој ја предводеше Исламската револуција од 1979. година.

Сепак, движењето кое кон крајот на 70. години го разбранува Иран беше разновидно - опфаќаше и комунисти и националисти и либерали и свештеници. Сите ги поврзуваше една цел, едно мото: Шахот мора да си оди! Реза Пахлави владееше 25 години, со силна поддршка од Вашингтон. Во Иран беше диктатор, а во надворешната политика - марионета. Јазот меѓу богатите и сиромашните стануваше сѐ поголем - милиони Иранци низ селата живееја под границата на сиромаштијата, додека малубројната елита околу Шахот се расфрлаше во луксуз.

Граѓанскиот слој на чело на револуцијата

Сепак, револуцијата во најголем дел ја изнесоа граѓанските слоеви, вели Барман Нируманд, ирански публицист кој живее во Берлин. Тој бил сведок на смената на режимот.

„Иран стана стопански значајна земја поради приходите од нафта. Поради тоа во градовите се формираше релативно голем среден слој и тие луѓе бараа да се слушне и нивниот глас“, објаснува тој.

Членовите на тоа движење посакуваа слободен и либерален Иран. Тоа е една од причините поради кои во 1978. година многу демонстранти носеле фотографии од демократски избраниот премиер Мохамед Мосадег, кој во 1953 година беше соборен од власт со помош на ЦИА.

Bildergalerie Revolution 57 im Iran

Протести против шахот Пахлави во Иран

Исламистите ја преземаат главната улога дури подоцна. „Хомеини беше најостар критичар на Шахот меѓу свештенството“, вели Реза Хајатпур од Универзитетот во Ерланген. За време на егзилот во Париз, Хомеини држел жестоки говори против режимот во Техеран. Ветувал помош за сиромашните, но и крај на „западната декаденција“. Хомеини се залагал за создавање исламска република, а Иранците таа идеја ја дочекале со одушевување. „Луѓето размислуваа на следниот начин: република - тоа звучи добро, а ислам - па добро, ние и сме исламска земја. Тогаш никој не говореше дека целта е целосна исламизација на државата“, се потсетува Нируманд.

На почетокот навистина делуваше дека мулите и либералите ќе соработуваат. На први февруари 1979. Хомеини се враќа од егзил. Само четири дена подоцна го именува либералниот политичар Мехди Базарган за претседател на преодната влада. До крајот на годината е изгласан и новиот, исламистички Устав, скроен по мерка на ајатолахот Хомеини.

Левичарите и либералите сепак остануваат во борба за власта. Во јануари 1980. година, два месеци по нападот врз американската амбасада во Техеран, за претседател е избран Аболхасан Банисадр. „Веднаш беше јасно дека клерот не се согласува со неговиот избор. Тие имаа сопствен кандидат“, вели Реза Хајатопур. Банисадр станува непријатен противник за Хомеини и постојано се буни против диктатот на свештенството. „Народот беше поделен. Одлуката беше донесена дури по почетокот на војната против Ирак. Тоа, според зборовите на Хомеини, беше дар од бога“, се сеќава Нируманд.

Војната како шанса

Тогашниот претседател на Ирак, Садам Хусеин го нападна Иран во септември 1980 година, со големо количество американско оружје. Двете држави војуваа 8 години. На крајот немаше јасен победник во воена смисла, а загинаа речиси еден милион луѓе. Што се однесува до внатрешно-политичката состојба, вели Нируманд, војната го осигура владеењето на свештенството. Секоја опозиција била ликвидирана со повикување на опасноста од надворешниот непријател и со можноста стотици илјади луѓе да се испратат на воениот фронт. Притоа, исламистите можеа да ја спроведат својата идеологија на мачеништво, смрт за татковината, вели Нируманд. Во текот на војната тргнат е од власт и Аболхасан Банисадр: обвинет е за воените порази и сменет е во јуни 1981 година.

Iran Ajatollah Ali Chamenei Archivbild 2010

Ајатолахот Али Хамнеи

Низ земјата започнува бран на прогони на либералите, комунистите и опозициските свештеници. На местото на Банисадр доаѓа Мохамад Али Раџај. Но, тој е убиен во бомбашки напад само 28 дена по преземањето на функцијата. По него функцијата ја презема Саед Али Хамнеи, кој по смртта на Хомеини станува и врховен верски лидер и со тоа и најмоќен човек во Иран.

Од периодот на револуцијата до денес, малку нешта се сменија во политичкиот систем на Иран. И денес сите конци во рацете ги држат верските лидери. На претседателот Рохани му е потребна согласност за сите прашања од Хамнеи.

Сепак, Хамнеи одамна веќе нема таква моќ каква што имаше Хомеини, вели Реза Хајатпур: „Идеологијата повеќе не игра таква улога како порано. Денес е тоа силен прагматизам“.

Тоа го покажува и новата политика на Рохани. „Тоа е обид донекаде да се врати она што е уништено последните години, и во внатрешната и во надворешната политика“.

„Луѓето сакаат промени, но повеќе не се работи за судир меѓу народот и свештенството, туку повеќе за општествен конфликт меѓу оние кои се погодени поради санкциите и невработеноста и оние кои сѐ уште профитираат од системот“, смета Хајатпур.