1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Доларот е несигурен за производителите на нафта

Најавите дека неколку држави тајно преговараат за замена на доларот со друга постабилна валута при нафтените трансфери, деновиве предизвика потреси на финансиските пазари.

default

Аналитичарите констатираа првичен пад на доларот и пораст на цената на златото на берзите, како резултат на информациите објавени во британскиот весник „Индипендент“ дека неколку држави од Блискиот исток, Кина, Русија и Франција одржале заеднички таен состанок на кој ја отвориле оваа тема. Официјален Париз, засега единствен, ја демантираше информацијата, но експертите велат дека во некоја подалечна иднина, тоа е многу реална варијанта.

По информациите дека неколку светски држави преговараат да му најдат замена на доларот како валута со која се плаќа нафтата, Дора Борбели од банката ДЕКА вели:

„Оваа дискусија секогаш се обновува кога доларот е слаб. Причината е едноставна: земјите извознички на нафта за неа добиваат долари кои веќе не ги инвестираат само во САД, туку се’ повеќе и во Европа и во Азија и куповната моќ на таа валута е послаба кога доларот е слаб. Мислам дека не е нереално, долгорочно, доларот да биде заменет, но тоа нема да се случи во блиска иднина“, вели Борбели.

Слабиот долар- шанса за еврото

Наводно земјите од заливот се залагаат за валутен фонд кој би го сочинувале јапонскиот јен, кинескиот јуан, еврото и златото, но економистот Штефан Шилбе смета дека доларот е загрозен и заклучува:

Symbolbild Geld Geldscheine Dollar Yen Euro und Britische Pfund

„САД имаат суштински проблеми: крахот на пазарот на недвижности, презадолженост на домаќинствата и голем пораст на бројот на невработените. Во таква ситуација фискалната политика мора да помогне, а тоа значи дека се создаваат големи пакети мерки за поттикнување на економијата, кои мора да се финансираат. Затоа се јавува голем буџетски дефицит. Годинава тој ќе биде повеќе од 10 проценти од БДП и тоа предизвикува страв дека инвесторите нема веќе да сакаат да го финансираат големиот дефицит и затоа е доларот под притисок.“

Еврото има потенцијал

Дали слабеењето на доларот е шанса за еврото? За тоа прашање Дора Борбели вели: „Еврото има потенцијал да ја преземе новата улога. Европскиот стопански простор е силен и добива на значење. Затоа сметам дека може да има улога и во трговијата со нафта, а тоа е шанса за Европа и за нејзиното стопанство да преземат уште позначајна улога во светот“, објаснува Борбели.

Без оглед на експресните деманти кои стигнаа по информацијата за замена на доларот со нова валута, иднината на американската валута веќе подолго време се доведува во прашање, особено по глобалната финансиска криза, а лидери на иницијативата се Кина и Русија.

Автор: Ула Херман / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска