1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Доларот долу, еврото горе: некој губи, друг дoбива!

Денеска за првпат едно евро чинеше повеќе од 1,49 долари. Заедно со високата цена на нафтата, скапото евро станува опасност за порастот во Европа. Карл Завадски коментира:

default

Многу долари за малку евра! Ќе запре ли „спустот„ на американската валута?

Тоа што еврото станува се’ поскапо, меѓу другото се должи на шпекулациите, но исто така и на фактот што во глобализираната економија се’ е поврзано. Бидејќи конјунктурата во Америка е се’ полоша, бидејќи Американците никако да излезат од кризата со хипотеките што предизвика и криза на банкарскиот систем, опаѓа и довербата во доларот. Од почетокот на годинава, доларот во споредба со еврото загуби 13 проценти од својата вредност. Истовремено и фактот што американската централна банка, со ново намалување на каматите сака да спречи рецесија на американската економија. Тоа веќе се случи и токму тоа уште повеќе го обезвредни доларот, а го крена нивото на еврото. Зашто кога Американците ги намалуваат каматите, акциите во зоната на еврото стануваат поинтересни. Доларот се менува во евра, што натаму врши притисок врз курсот на доларот, а еврото достига повисок курс.

Скапото евро на едната и ефтиниот долар од другата страна на медалот, имаат и добри и лоши страни. На пример, скапото евро го намалува товарот на земјите во зоната на еврото за давачките за нафта, зашто таа традиционално се продава за долари. Освен тоа, поради поефтиниот увоз од зоната на доларот, во евро-зоната се придушуваат инфлаторните тенденции. И конечно: европските туристи во Америка доживуваат рајски моменти – се’ е поефтино од последната посета на САД! Во Америка пак, ефтиниот долар допира во националната гордост, но затоа мошне поволно влијае врз американскиот извоз.

Обратната страна на ваквиот развој ја доживува европската индустрија. Фирмите што извезуваат во зоната на доларот претрпуваат загуби, или мораат да ги зголемат цените што ги одбива потрошувачите и ги намалува нарачките. Посебно се погодени фирмите чии производи традиционално се продаваат за долари. Концернот Ербас, на пример, кој ионака е во тешкотии поради проблемите со џиновскиот А-380, се најде во многу опасна ситуација: приходите се во долари, а трошоците во европските фабрики во евра. Последица: расте ли еврото, кај Ербас паѓаат добивките или – уште полошо – загубите се уште поголеми. Но, некои фирми пак имаат среќа, загубите на американскиот пазар, на кој германскиот извоз изнесува само 8 проценти, да ги израмнат или дури да се во ќар, со силно зголемениот извоз во бум-регионите на Азија и во Источна Европа.

Карл Завадски

Поврзана содржина