1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Докуфест Призрен: Треба да се раскажат безброј приказни за војната

Призрен овие денови е собиралиште на филмаџиите од целиот свет. Од 17 до 25 август трае 12. Докуфест, меѓународен фестивал на документарен и краткометражен филм.

Во вечерните часови на шест локации, а најатрактивни се оние на тврдината, но и над коритото на реката Бистрица и дворот на истоименото кино, има врвулица од гледачи. Многумина остануваат надвор, зашто сите места се пополнети. На програмата се околу 250 филмови од цел свет. Меѓу нив значајно место заземаат оние од регионот. Организаторите очекуваат продажба на над 10 илјади билети, што значи дека годинешниот фестивал би бил најпосетен досега. Сите хотели, мотели и кампот на реката се полни со гости. Бројни гости се во приватно сместување, па во градот очекуваат промет од околу 3,5 милиони евра. Освен филмските претстави, по 22 години почнуваат концерти на познати светски музичари. Организирани се забави, кафулињата и останатите угостителски објекти се отворени до раните утрински часови.

Dokufest Filmfestival in Prizren Kosovo

Ивана Тодоровиќ

Чест е да се учествува на Докуфест

Во текот на денот, најчесто во амамот Мехмед паша, се организираат работилници како „Соочување со минатото“, анимации на документарни филмови и на документарни фотографии, работилница која ја води познатиот шпански фотограф Пеп Бонет.

На фестивалот се присутни околу 500 гости од цел свет. Белграѓанката Ивана Тодоровиќ, чиј филм „Кога јас бев клинец, бев клинка“, беше прикажан вчера, е меѓу десетиците Срби кои овие денови се во Призрен.

„За мене е голема чест да бидам овде, зашто Докуфест, според магазинот ’Филммејкер’, што излегува во САД, е еден од најпознатите фестивали на документарен филм. Јас го обожавам Ветон Нурколари, уметничкиот директор на Фестивалот. Морам да признаам дека се плашев дали мојот филм ќе му се допадне или не и ми беше многу важно што му се допадна. Kако автор од Србија, јас направив филм за транвеститот Гоца од Белград и мило ми е што и таа е овде со мене. Гоца имаше доволно храброст да дојде со нас и во Сараево и во Призрен. Пресреќни сме и овде ни е убаво, одушевени сме од гостопримливоста“.

Dokufest Filmfestival in Prizren Kosovo

Антонета Кастрати

На фестивалот се прикажуваат филмови со различна тематика. Според зборовите на Ветон Нурколари, уметничкиот директор на Докуфест, речиси нема филмови со типична воена тематика од просторите на бивша Југославија, иако, како што вели тој, нема ништо против такви остварувања.

Војната и натаму е неисцрпна тема

„Кога зборуваме за Косово, нормално е што војната како тема и натаму е многу присутна во голем дел од филмовите. И во моите филмови, иако поминаа 14 години, доминира војната како нешто екстремно што овде се случило, зашто убиени ми се мајката и сестрата“, вели Антонета Кастрати, режисер на филмот „Таа доаѓа во пролет“.

„Треба да се прават филмови со таа тематика, зашто тој период на нашето блиско минато е премалку документиран. Не знам каква е ситуацијата во врска со оваа тема на просторот на бивша Југославија, но на Косово треба уште многу да се работи на тема војна“. Кастрати дополнува - недостигот на пари е причината што на Косово не се снимени повеќе филмови со воена тематика.

Dokufest Filmfestival in Prizren Kosovo

Смирна Куленовиќ

За Смирна Куленовиќ од Сараево, која во Призрен се претставува со филмот „Испит на зрелоста“, војната е неисцрпна тема за авторите од БиХ, иако според нејзини зборови, многумина мислат дека треба да се престане со таа тематика.

„Меѓутоа, според мое лично милсење, таа тема никогаш не може да биде исцрпена. Има безброј приказни што треба да се раскажат за таа војна, треба да произведуваме такви филмови, како сеќавање на нешто што се сличило и не треба да се заборави. Но, од друга страна, не постои доволен простор за младите автори да тргнат подалеку од таа тема, да се обидат да се занимаваат со својата иднина, со иднината на филмот и државата во која живеат. Нивните обиди на такви теми се обично неуспешни, зашто не можеме да добиеме буџет за такви филмови“.