1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Доктор Клаус е херој!"

Грета Хаман / К. Краљевска5 септември 2015

Бездомници, сиромашни, отфрлени од општеството - веќе 10 години доктор Клаус Харбиг бесплатно ги лечи пациентите, кои во Дортмунд живеат надвор од општествениот систем. Тој, сам сфатил дека не е се’ во парите и имотот.

https://p.dw.com/p/1G91A
Фотографија: DW/G. Hamann

Дали доктор Харбиг е херој? Млада жена сесрдно кимнува со глава и очите и’ се навлажнуваат. „Да, да!“ Иако малку говори германски, сепак знае да каже: „Доктор Клаус помага, помага“, притоа гледајќи во лекарот од другата страна на неговата работна маса во малата ординација. „Да, тој е доктор-херој. Тој е супер херој, чесен збор.“

Нејзиното име е Лагамиора и пред четири години дошла во Германија (на насловната фотографија заедно со лекарот). Не сакала да остане во својата татковина Романија, бидејќи таму нема работа, вели таа. Се надевала дека овде, во Германија, ќе биде подобро. „Барам работа. Но, нема ништо. Веќе две години барам работа, но нема ништо за мене. Морам да платам струја, вода, кирија, храна“, ни’ објаснува на скромен германски.

Веќе две години продава весник на Здружението на бездомници во Дортмунд „Бодо“. За секој продаден примерок може да задржи 1,25 евра. Но, таа не се грижи само за себе, туку и за својот деветгодишен син и тринаесетгодишниот внук. Многу зборува за парите и пред се’ за она што го нема. И таа, како и сите пациенти на доктор Харбиг, живее на работ на егзистенција.

И лекарот-херој, доктор Клаус, зборува за парите, но за тоа како се откажал од она што го имал. Денес има 74 години, а пред 10 години, кога се пензионирал, одлучил од корен да го промени својот живот. „Куќата ја препуштив на сопругата, со која сме разведени, а мојот имот на семејството.“ Има три деца и четири внуци - петтото е на пат. „Тогаш си реков дека не можам само така да се вратам на мојот живот во изобилство, тоа нема смисла.“ Тоа е неговиот стил, вели тој. Сега живее во еден мал стан, а својата пензија и натаму ја дели со поранешната сопруга.

„На друго место сите зјапаат во мене“

Речиси е 16 часот и низ млечното стакло на вратата од канцеларијата во чекалницата веќе се гледаат контури на голем број луѓе кои чекаат за преглед. Бездомници, приматели на социјална помош, зависници од дрога. Сите чекаат пред вратата во ред за да ги прегледа или доктор Харбиг или неговата колешка Фелиситас Лангвидер. Во трите термини неделно знаат да дојдат и по 70 пациенти, а работно време за тие денови се три часови. Клаус Харбиг секогаш е во ординацијата, но му помагаат тројца лекари, кои меѓусебно се менуваат.

Точно е 16 часот и сестрата - која исто така таму работи волонтерски - отвора врата. Малата чекалница веднаш се полни и за половина од луѓето нема место каде да седнат. Многумина кои доаѓаат таму не се осмелуваат да одат кај друг лекар. „Не сакам да одам на друго место, не сакам да седам во некоја чекалница каде што сите ќе зјапаат во мене“, вели Кристијан. Има 37 години и зад него се неколку терапии за одвикнување од дрога. Тој е многу слаб. „Имав 21 килограм под нормална тежина, а сега сум на 17.“ Доаѓа кај докторот за да ја добие својата, како што вели, храна за астронаути - висококалорична храна и пијалок во мали пластични шишиња.

Тој долго време доаѓа кај доктор Клаус - сите го нарекуваат по име, исто како што и другите не се обраќаат меѓусебно по презиме. „Сите овде се многу љубезни, од лекарот па до оние шалтерот за пријавување. Тука никој не вели: ’Ух, овој е валкан, овој нема да влезе внатре’, или нешто слично. Овде вратата е отворена за секого.“

Deutschland Gäste-Haus Praxis in Dortmund
Дневно доаѓаат и до 70 пациентиФотографија: DW/G. Hamann

Кон дното се оди како на тобоган

Всушност, и самиот Кристијан мислел дека никогаш нема да си има работа со тие „валкани луѓе“. „Бев женет и живеев само на неколку улици подалеку од ова место и финансиски ми одеше многу добро. Мислев дека таму, во таа ординација никогаш нема да стапнам со нога. Да, никогаш не треба да кажете никогаш.“ Подоцна неговата сопруга останала бремена, но бебето умрело само по четири недели по раѓањето - ненадејна смрт во креветчето. „После тоа како да паднав од небо. Ништо веќе не ми беше важно, ниту работа ниту какво било вработување. Не ми беше грижа за ништо.“

Потоа патот до провалијата бил многу брз - тоа го објаснува и доктор Харбиг. „Тоа е како тобоган.“ Но, патот за назад е макотрпно искачување, кое им успева само на малкумина. Ретко доживува некој од неговите пациенти да се врати во „нормален“ животен тек, ако излегол од него. „Прво, треба да се откажат од алкохол или дрога, а потоа следуваат моменти на слабост, кога се враќаат на пороците. Потоа мора да најде работа, а тука најчесто се и казните кои мора да се одлежат или мора да пронајде стан, а тоа не е лесно, кога си на ’црн список’ на платежно неспособните.“

Харбиг признава како тој може да ја ограничи штетата која е нанесена. „Навистина е многу тешко некој овде да се излекува.“ Дури во оваа ординација научил дека кога некој ќе дојде со кашлица не помислува веднаш на бронхитис, туку на туберколоза. Други лекари ретко се среќаваат со инфекција од хепатитис А или Б или ХИВ, а за доктор Харбиг тоа е секојдневие. Кај иритирана кожа речиси е сигурен дека станува збор за стара и речиси веќе непозната болест која предизвикува чешање.

Deutschland Gäste-Haus Praxis in Dortmund
Фелиситас Лангвидер и Клаус ХарбигФотографија: DW/G. Hamann

„Конечно работам, а не заработувам пари“

До пред три години ординацијата се наоѓала во соседна куќа, во една од задните простории. Медицинската заштита е дел од хуманитарната иницијатива „Куќа за гости наместо клупа“, каде што бездомниците и сиромашните добиваат појадок, можат да се истушираат и да ја исперат својата облека. Три пати во неделата имаат кафе и колачи, а се’ се финансира од донации од пари и предмети.

Фактот дека оваа ординација во меѓувреме има сопствен простор, може да му се заблагодари на човекот кој и самиот немал здравствено осигурување - но, затоа пак многу пари, кои главно им ги оставал на добротворни организации. Еден цртеж во ординацијата потсетува на тој добродетел, бидејќи тој богат жител на Дортмунд живеел толку повлечено што не постои ниту една негова фотографија - поточно постои само една, од неговата лична карта, објаснува доктор Харбиг.

Лекарот го запознал тој мистериозен милионер при негови други активности во палијативната медицина. И луѓето кои умираат се, всушност, турнати на работ на нашето општество, така што овој лекар се грижи и за нив. Така се случило и милионерот да ја спомне ординацијата на доктор Харбиг во неговиот тестамент.

А кога ќе посака за момент да заборави на сите негови работи во Дортмунд, тогаш тој оди на „работен одмор“, смеејќи се вели лекарот. Патува или во Боливија или во Непал, каде што партиципира во два хуманитарни проекти како лекар. Се разбира, повторно бесплатно.

Некако му се чини дека со тоа сака да го надополни она што го пропуштил. „Да бидеш лекар и така да заработуваш пари за мене отсекогаш било некој вид на принуда. Ја прифатив, но никогаш не ми се допаѓаше. Мислам дека задачата на лекарот пред се ’ е насочена кон помагање на луѓето, а не кон правење пари“, вели доктор Харбиг.

Кога се пензионирал, конечно можел да го исполни својот сон, како што вели, „да работиш, а не да правиш пари.“ А што ќе се случи кога навистина ќе се пензионира? „Значи, оваа работа која сега ја работам, всушност сакам да ја работам се‘ додека сум во можност. А потоа... Па, ќе видиме што ќе дојде потоа.“