1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Доказ дека Обама сепак може!

Што добија Американците со здравствената реформа што ја усвои Претставничкиот дом на Конгресот? Ова е победа на претседателот Барак Обама, иако тој мораше да вложи многу сила и да направи отстапки.

default

Ова беше историска одлука. Со децении САД беа единствената демократска индустриска нација, која го ускратуваше правото на граѓаните на здравствено осигурување. Сега и‘ е ставен крај на оваа засрамувачка состојба. Со гласањето во Претставничкиот дом на САД, 32 милиони Американци, кои досега не беа осигурани, ќе добијат здравствено осигурување. Исто така ќе биде укината неподносливата практика на осигурителните компании да им го прекинуваат договорот на тешко заболени лица или да одбиваат да осигураат лица, ако претходно биле болни.

Законот сепак доби поддршка и од републиканците

Усвоениот закон не содржи се‘ што беше првобитно замислено. Борбата околу него, која траеше подолго од една година, остави последици. Не е востановено државно здравствено осигурување, кое многумина демократи на почетокот на дискусијата го означија како неопходно. Сега мора да се откажат од тоа. Финансирањето исто така не е загарантирано како што беше предвидено. Сепак со законот треба долгорочно да се заштедат пари и да се намали гигантскиот буџетски дефицит, изјавија од одделот во Конгресот надлежен за тие пресметки.

Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом, истакна дека иако овој закон не доби гласови од републиканците, сепак беа прифатени повеќе од 200 од нивните дополнувања на законот. Тоа не ги спречи конзервативците на вчерашната дебата уште еднаш да ги изнесат вообичаените застрашувачки претстави, дека оваа реформа наводно води кон тоталитаризам, социјализам и ограничување на личната слобода. Тие до самиот крај се обидуваа да го спречат донесувањето на законот. Притоа беше јасно дека не им е важно што ќе се постигне со него, туку по секоја цена да го спречат успехот на Обама.

Реформата е успех за Обама

Christina Bergmann

Кристина Бергман

Целиот непријатен процес остави траги. За претседателот Обама реформата стана егзистенцијално прашање. Поради пропустите од минатото лето, кои на републиканците им овозможија да ја диктираат јавната дебата за здравствената реформа, Барак Обама во законската иницијатива мораше да инвестира повеќе време отколку што тој би сакал. Одлуката да ги одложи патувањата во Гуам, Индонезија и Австралија беше јавно признание, дека претседателот мораше да ги вложи сите свои сили, за да ги собере неопходните гласови од редовите на неговата партија. Законот конечно можеше да биде усвоен само со помош на еден претседателски указ, кој ги задоволи барањата на противниците на абортусот кај демократите. Претседателот по гласањето изјави: „Ова е чекор напред во вистинската насока, но се‘ уште не и крај на дебатата.“

Не треба да се потцени надворешно- и внатрешнополитичкото значење на ова историско гласање за Барак Обама. Во внатрешната политика тој сега може да и’ се посвети на економијата и на отварањето нови работни места, тема која во последно време Американците повеќе ги интересира и од здравственото осигурување. На претстојните избори во Конгресот демократите ќе мора да го прикажат постигнатиот успех, ако сакаат да спречат драматично губење на гласовите. На надворешнополитички план, претседателот на САД со гласањето доби поголем простор за решавање на интернационални кризи, кај кои досега не постигна некој успех. Сега за првпат тој може да докаже дека покрај тоа што знае да држи добри говори, може да спроведе и пресврт во политиката, за кој и беше избран.

Коментар: Кристина Бергман

Превод: Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска