1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Доказите против Ивановиќ постоеле од 2000. година

Поранешен истражен судија од Косовска Митровица вели дека доказите за воените злосторства на српскиот политичар Оливер Ивановиќ постоеле од 2000. година, но истрагата била блокирана од француските сили на КФОР.

Адвокатот Махмур Хаљими, кој во текот на 2000. година ја вршел должноста истражен судија во Окружниот суд во Косовска Митровица, изјави дека уште таа година обезбедил доволно докази за апсење на Оливер Ивановиќ поради одговорност за убиства на Албанци на Косово, но француските припадници на КФОР не сакале да го уапсат.

За денешното издание на весникот Коха диторе, Хаљими вели дека случајот против Ивановиќ, кој беше уапсен пред два дена, го истражувал заедно со Канаѓанецот Гиј Бурасо и дека успеале да најдат докази, но апсењето на Ивановиќ го одбил шефот на француската Жандармерија. Според зборовите на Хаљими, францускиот командант го одбил апсењето со образложение дека тоа би можело да предизвика трета светска војна.

Според откриените докази, Ивановиќ, кој денес е лидер на Граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“, како раководител на полициска единица учествувал во стрелањето на 22 Албанци во Косовска Митровица, на 14 април 1999 година.

По таквиот однос на францускиот командант, Хаљими поднесол оставка на функцијата, додека канадскиот истражен судија неколку недели подоцна бил повлечен од Косово.

Ивановиќ, исто така, е осомничен дека бил вклучен во убиството на 10 и ранувањето на 25 Албанци на 3. и 4. февруари 2000. година, по влегувањето на меѓународните мировни сили на Косово.

Оливер Ивановиќ, кој живее во Косовска Митровица, учествувал во бројни преговори за Косово, а во 2001. година е избран за пратеник во косовскиот парламент, а подоцна влегол и во претседателството на парламентот.

Во претходната српска влада бил државен секретар во Министерството за Косово и Метохија, а на последните локални избори влезе во вториот круг во изборот за градоначалник на Косовска Митровица.

Вчера на Ивановиќ му беше одреден притвор од 30 дена и префрлен е во притворска единица во Приштина.