1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Доза на ризик секогаш постои

Дали во Македонија има услови за фер и демократски избори? Интервју со Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација „Мост“, која седум години работи на проекти за подобрување на изборниот процес.

default

Алексов: изборите во Македонија треба да бидат според бараните стандарди

Веќе нема дилеми дали може или не, туку е познато дека Македонија овој пат мора да организира фер и демократски избори, тоа е клучниот критериум за евроинтеграција на земјата. Дали се создадени условите за такво нешто?

Алексов: Со фактот дека во Република Македонија има изборно законодавство, односно има изборен законик и има орган што е олицетворен во Државната изборна комисија, а функционираме во плуралистичко и демократско општество, значи условите за фер и демократски избори се создадени. Со други зборови формирањето на новата државна изборна комисија и измените на изборното законодавство, всушност се основата или базата за фер и демократски избори. Сега, друго прашање е степенот на културата и демократскиот капацитет на оние што треба да учествуваат и да се борат за своите места на народни избраници на локално ниво и за претседател на Македонија.

Дали политичката атмосфера во земјата дава надеж дека ќе се одржат добри избори? Што треба политичките партии да сторат за да се обезбедат услови за такви избори и дали има сигнали дека тоа навистина го прават ?

Алексов: Политичките партии во Македонија се всушност оние што консензуално го изменија, односно го подобрија изборниот законик. Токму во рамките на еден наш проект во 2007 година произлегоа низа препораки за подобрување на изборниот законик. Огромен дел од тие препораки се опфатени во измените на законикот. Тоа значи дека ако гледаме низ призма на тоа дали консензуално се изменил изборниот законик или се подобрил и промените се одобрени од сите релевантни политички партии во државата, како што беше случајот овде - тоа значи дека сите тие влегуваат во изборната трка со заеднички правила.

Оние џентлменски договори што ги постигнаа во текот на минатата недела, каде што договорија да нема рекламирање, да дозволат Државната изборна комисија пошироко да го чита изборниот законик итн. е само еден од сигналите според коишто ние можеме да заклучиме дека многу работи што беа на место на претходните избори, а не даваа надеж за подобар и поквалитетен изборен процес, овој пат ќе дадат поинакви резултати.

Меѓутоа, веднаш откако претседателот на сообранието Велјановски ги распиша изборите, односно го одреди датумот, партиите почнаа со меѓусебни обвинувања.

Алексов: Тоа е дел од предизборниот колаж што не ни се случува за првпат. Сепак, без разлика на нивните меѓусебни обвинувања што е дневна политика, она што ние го земаме како предвид при проценка на тоа каков квалитет на избори ни ветува предизборието е дека изборниот законик е консензуално изменет и дека со заеднички утврдени правила, играчите влегуваат во политичката борба.

Дали сметате дека постои опасност од повторување на нерегуларностите од вонредните избори што се одржаа минатиот јуни?

Алексов: Локалните избори се традиционално најризичните избори во Македонија, гледајќи наназад и споредувајќи ги извештаите на ОБСЕ, ОДИХР, па и на МОСТ. Значи, доза на ризик е секогаш присутна, но не само што ние се надеваме, туку Македонија мора да спроведе фер, демократски и слободни избори во март. Не само поради безбедносните моменти што ги одбележаа изминатите вонредни избори, туку и во делот на процедурата. Значи, тоа што во овој момент не смееме да го дозволиме по ниедна основа е само да велиме дека ни се потребни мирни избори, туку тоа што мораме да го промовираме и да го потенцираме е дека мартовските избори мораат да се спроведат целосно во согласност со сите меѓународни стандарди за спроведување на слободни, фер и демократски избори. Тука влегува и предизборната кампања, однесувањето на политичките субјекти и процедурата што се спроведува во текот на целиот изборен ден. Значи, само со квалитетен процес во сите овие сегменти, ние ќе можеме да гарантираме дека на крајот на денот ќе има доверба во процесот, доверба во резултатите и ќе има позитивен извештај од меѓународната заедница.

Колку се оправдани шпекулациите дека Грција, како претседавач со ОБСЕ оваа година, може да влијае врз финалниот извештај на набљудувачите од оваа организација што ќе биде изготвен за изборите во Македонија?

Алексов: ОБСЕ е собир од огромен број држави, начинот на одлучување во оваа организација е во согласност со нејзиниот статут, па претседавачот или која било друга организација многу тешко може да влијае на составот, односно на суштината на извештајот што се прави во рамките на нивните набљудувачки мисии. Не зборувам само за Република Македонија и Грција, туку прашањето го третирам генерално. Тоа што ОДИХР, односно Канцеларијата за човекови права при ОБСЕ, го констатира на терен и тоа што набљудувачите го гледаат на избирачките места е секогаш составен дел од извештајот на оваа организација. Мораме да ги расчистиме овие дилеми на почетокот, поентата е дека не може никој да се обвинува на крајот од денот за лош извештај. Извештајот се прави исклучиво на база на тоа што набљудувачите ќе го видат на терен и тоа што нивниот оперативен тим кој доаѓа 40 до 50 денови пред изборите ќе го констатира во државата во која го спроведува мониторингот.