1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Додека светот осудува, Израел гради

Сите членки на Советот за безбедност, со исклучок на САД, од Израел побараа да се откаже од натамошна изградба на населби на палестинските територии. Израел си тера по свое.

Во посебни изјави четирите европски членки на Советот за безбедност - Франција, Велика Британија, Германија и Португалија, потоа осумте држави кои му припаѓаат на Движењето на неврзаните, како и Русија и Кина, нагласија дека изградбата на населби на палестинските територии е нелегална и ги уништува шансите за преговори кои водат кон решението „две држави за два народа“.

Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин упати повик за одржување итна седница на таканаречениот Блискоисточен квартет, кој се состои од ОН, ЕУ, САД и Русија. Мора да се направи обид за повторно заживување на преговорите меѓу Израел и Палестинците, кои се замрзнати од 2010 година. Израелскиот амбасадор во ОН Рон Просор соопшти дека може да поминат години додека неговата влада да даде согласност за почеток на градежните работи. Според него, населбите не се пречка за мирот. Тој ги повика Палестинците да се вратат на преговарачка маса без предуслови.

Според израелските планови, би требало да се изградат 2600 станови во населбата Гиват Хаматос. Таа се наоѓа јужно од Ерусалим, на територија која Израел ја освои по таканаречената Шестдневна војна во 1967 година. Регионалните власти за планирање и изградба во Ерусалим дадоа веќе дозвола за изграда, но во постапката на планирање треба да се завршат уште неколку фази. Критичарите на израелската политика на изградба на доселенички населби зад овој и другите вакви проекти гледаат тактика на создавање прстен од еврејски населби околу арапскиот Источен Ерусалим и со тоа можна поделба на градот во случај да се дојде до решението „две држави“. Двете страни, имено, сакаат Ерусалим да им биде главен град. Истите власти за планирање и изградба кои дозволија проширување на населбата Гиват Хаматос, на почетокот на неделата дозволија изградба на 1500 станови на север од Источен Ерусалим, во Рамат Шломо.

Изградбата на станови, според израелскиот премиер Бенамин Нетанјаху, е суверено право на неговата земја:

„Сите израелски влади градеа во Ерусалим и тука нема ништо да се промени. За нас е важно дека се држиме до својот главен град и до мирот. Ќе го градиме Ерусалим и натаму, за сите негови жители.“

Израелската опозиција го критикува премиерот, но не поради изградбата, туку поради тоа што влегува во конфронтација со важните партнери во светот. Политичарот на левицата Јаир Лапид изјави:

„Јас сум против поделба на Ерусалим. Немам проблем со изградбата на населбите, но имам проблем со израелската влада, која се однесува како да донесла одлука да им стави крај на односите со САД.“

Израелските медиуми оценуваат дека постапките на Нетанјаху се тактика пред парламентарните избори во земјата, кои треба да се одржат во јануари. Палестинците, во меѓувреме, најавија судски чекори против изградбата на населбите. Тие сакаат да го искористат својот унапреден статус во ОН и случајот да го донесат во Меѓународниот кривичен суд.