1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Додека на Груевски не му се стемни, на ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ се раздени

Дел од членството се сомнева оти лидерот тактизира и чека крик „Груевски, врати се“, но високи функционери на партијата тврдат дека „одлуката за оставка е конечна“. Сите ја потенцираат потребата од реформи во партијата

Помешани изрази на олеснување, но и бројни сомнежи ја следат изјавата на сѐ уште актуелниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, кој најави дека ќе поднесе оставка пред органите на партијата, но без да прецизира кога би го сторил тоа. Неизвесноста ја зголеми и лично тој, откако вчера на новинарско прашање одби да одговори кога ќе ја поднесе оставката.

„Не би коментирал. Во наредните денови сѐ ќе се објасни“, рече Груевски од протестот пред Кривичниот суд.

Дел од членстото се сомнева во неговата искреност. Велат - оставка не се најавува, туку се поднесува, бидејќи вака остава сомнеж дека започнал некаков политички пазар и ќе ја даде кога дефинитивно ќе се испазари за негови лични интереси. Други, пак, сметаат дека купува време, во надеж дека членството ќе повика „Груевски, врати се“. Не исклучуваат дека може да постои и договорено сценарио, во кое некој би започнал петиција за негово останување на чело на партијата, па сѐ да заврши во стилот „тој сакаше да си оди, но членството не му дозволи“.

Искрена или договорена оставка

„Нема такво сценарио“, тврдат за ДВ високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. „Неговата одлука е конечна“, велат тие, одбивајќи јавно да ја коменираат заради сензитивноста на моментот. Според нив, „тој долго време се кршел и сега конечно се охрабрил“. Но, и тие не соопштуваат кога ќе ја поднесе оставката, со уверување дека тоа ќе се случи „наскоро, во наредниот период“.

„Ќе чека до Свети Никола“, (19-ти декември, н.з), гласи еден од коментарите на социјалните мрежи. 

Извори од пониските партиски ешалони тврдат дека одлуката е резултат на разочарувањето дека не може да мобилизира повеќе од 200 луѓе на протестите.

„Ако судиме според трите услови што требало да ги исполнува лидер на ВМРО-ДПМНЕ (истакнати од Генералниот секретар Христијан Мицкоски, н.з.) да биде прифатен од базата, да има позитивна перцепција во јавноста и да биде прифатен од меѓународната заедница, Груевски е поразен од првиот услов. Тој одамна се скара со меѓународната заедница, но сега базата му праќа одредена порака со тоа што ја нема на протестите“, велат тие.  

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski (Petr Stojanovski)

Христијан Мицкоски и Никола Груевски

Во интервју за порталот „Курир“ Груевски изјави дека уште по првиот круг на изборите јасно кажал дека претседателот на партијата носи најголема одговорност.

„Тие кои добро ме познаваат и оние кои добро разбираат политички пораки ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка. Партијата, согласно статутот, ќе организира вонреден конгрес, на кој освен извештајот за анализата на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груевски во интервјуто.

Повеќе на оваа тема:

Груевски се повлекува од челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ

Дали Груевски и Мијалков купуваат фирми во Србија?

Груевски стабилен во Белата палата, но не и во базата?

 

Но, токму оваа изјава создава сомнежи, особено најавата дека ќе се оди на нов Конгрес со стариот статут. Ѓулистана Марковска, пратеничка од првиот состав на парламентот, вели дека оставката на Груевски е одамна очекувана од членството, но уште поважни се следните чекори.

„Од неговата прва, па сѐ до последната изјава се гледа дека не е лично подготвен да ја даде оставката, туку дека истата е условена. За жал, ни членството во партијата, а уште помалку јавноста, не го знае условот. Со оглед дека најавата за оставка следува по собирот кај претседателот Иванов, сметам дека можеби е 'договорена' во некоја замена, односно политичка противуслуга. Времето ќе покаже. Некако 'случајно' пред недела почна постапка за измена на Законот за амнестија. Се надевам дека ова се само инсинуации, но времето сѐ ќе каже. Ако лидерот се избере во демократска атмосфера и со предлог-измена на статутот на предлог на Општинските комитети, постои можност ВМРО-ДПМНЕ да се демократизира и да избере ново способно раководство. Ако се избере 'октроиран претседател', се плашам дека од силна партија ќе се маргинализира“, предупредува Марковска.

Ќе има ли Управувачки комитет?

Од Иницијативата за реформи на ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку месеци предложија избор на нов статут. Тие концептот за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ официјално го испратија во партиското седиште уште на 25-ти јуни, но до денес не добија одговор. Во оставката на Груевски гледаат само еден од чекорите кон поставените цели.

„Најавената оставка на Груевски е само еден чекор во постапката за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ. Во таа насока ние предложивме и нов статут. Наредните денови ќе предложиме да се формира Управувачки комитет кој би ги направил сите подготовки за организирање на демократски, слободен и обединувачки Конгрес. Ќе предложиме во тој Управувачки комитет да учествуваат сите субјекти кои се залагаат за демократизирање на партијата, вклучително и лица од сегашните органи на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Александар Михајловски, од иницијативата за реформи.

Но, во органите на ВМРО-ДПМНЕ во овој момент не сакаат да разговараат на тема „заеднички подготовки на Конгресот со иницијаторите за реформи“.

Дали тоа може да биде причина за раскол, односно сомнеж дека на следниот Конгрес ќе се избира нов лидер, кој ќе биде марионета на Никола Груевски?

Сите соговорници оставаат таа тема да се отвори откако Груевски ќе замине од лидерската позиција.

И додека политиките се кројат во и околу централата, меѓу „обичното“ членство постои незадоволство што немаат никакви информации од врвот на партијата.

„Нас во базата никој не нѐ прашува што мислиме. Освен од иницијативата за реформи, кои се активни на терен и доаѓаат во месни комитети, од раководството на партијата никој ништо не нѐ прашува, ниту ни кажува. А суетата на Груевски и натаму е толку голема, што не исклучува дека анализата ќе покажела дека 'неговата вина за поразот е мала, најмала или никаква'. Анализата тој може да си ја штелува како што сака, со оглед на полтроните со кои е опкружен. Да беше барем малку објективен, ќе признаеше дека тој има најголема вина за сѐ што се случи, особено од 2015 година до денес. И додека нему не му се стемни, на ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ се раздени“, вели член на партијата.

Покрај Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ која завчера побара оставка од Груевски, од Извршниот и Централниот комитет, истото вчера го побараа и претседатели на месни комитети од Битола, членки на Унијата на жени и членови на Унијата на младите на ВМРО-ДПМНЕ. Се најавува дека такви барања ќе стигнуваат и од други комитети.

Најавата за оставка на Груевски, инаку, коинцидира со денот кога поранешниот српски министер за надворешни работи и лидер на опозициската Народна партија, Вук Јеремиќ, обвини дека луѓе од поранешниот режим на Груевски перат пари во Србија.

„Тие се луѓе од тој режим, а пред сите е Сашо Мијалков, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање и 'десната рака' на Груевски, кои почнаа панично да извлекуваат пари стекнати со коруптивни активности во Македонија и  ги пласираат во разни шеми, преку даночните оази, Холандија, а во случајот со српската фабрика „14 Октомври“, преку Чешка“, изјави Јеремиќ за белградската „ТВ Наша“. 

DW.COM

Поврзана содржина