1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Догодина навала на Романци и Бугари во Германија?

Германската Агенција за труд очекува засилено доселување од Романија и Бугарија од 2014 година, кога за овие земји почнува да важи одредбата за целосна слобода на пазарот на труд во ЕУ.

Се очекува „нето доселување од 100.000 до 180.000 работници годишно на германскиот пазар на работна сила“, изјави шефот на Агенцијата за труд, Франк-Јирген Вајзе за весникот „Рајнишен пост“. Во Германија според овие проценки би дошле како висококвалификувани, академски образувани луѓе, така и оние квалификувани само за едноставни работи.

Но, Вајзе не очекува драстичен пораст на работата на црно и бран на сиромашни корисници на германските социјални системи со укинувањето на ограничувањата на пазарот на труд од 1. јануари 2014 година.

„Вакви појави има, но тие не се доминантни на пазарот на труд“, потенцира тој.

Во Германија веќе имаше вакви стравувања кога од 2011 година престана да важи ограничувањето за работа во земјата за државјаните од Полска, Унгарија и Балтичките држави. „Овие стравувања се покажаа неосновани“, потсетува шефот на Агенцијата за труд.

Од овие земји, според него, годишно во Германија стигнуваат по околу сто илјади работници. Најголем дел од нив се со добри квалификации и најчесто плаќаат социјално осигурување од редовен работен однос. Но, забележано е зголемување на бројот на доселениците од европските земји во криза:

„Бројот на вработени во Германија од Шпанија, Португалија, Италија и Грција се зголеми од 33.000 на 426.000“. Најголем пораст има кај Шпанците и Грците.

Но, шефот на германската Агенција за труд не гледа проблем за домашниот пазар на работна сила поради доселувањето, напротив:

„Долгорочно, на германскиот пазар на работна сила му е потребно нето-доселување од најмалку 200.000 работници годишно, за да биде покриена потребата од стручни работници поради осипувањето на работниот потенцијал“.