1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аналитичарите со многу забелешки за договорот

Катерина Блажевска21 јули 2016

Сме виделе многу договори, но малку реализација, предупредуваат политичари и аналитичари, и даваат бројни забелешки на дел од вчера договорените решенија меѓу четирите партии.

https://p.dw.com/p/1JSwW
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Добро е што партиите се договорија, но најважно е да го реализираат договореното, за да немаме „дежа ву“ ситуации кога некој еднострано ќе донесе одлука за распуштање на парламентот, па потоа се прават правни акробации како да се спаси политичкиот процес. Ваков е ставот на политичари и аналитичари, откако четирите партии - потписнички на Договорот од Пржино постигнаа компромис и околу последното спорно прашање: ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада. Според договорот, примената на неодамна изменетиот Закон за внатрешни работи ќе се одложи до 1 јануари 2017 година, а техничкиот министер ќе може да смени 15 раководители, како и 10 проценти кадровски промени по хоризонтала според просекот во 2013 и 2014 година. „Пржинските“ министри и заменици треба да поднесат оставки веднаш откако ДИК официјално ќе ги соопшти изборните резултати. Аналитичарите имаат многу прашања и забелешки на делови од договорот, кој според нив оставаат впечаток и на недоречености и на нелогичности.

„Што ќе се случи ако лидерите не се договорат за избори до крајот на 2016 година, а по се изгледа партиите на власт ќе играат на таа карта“, прашува Јове Кекеновски од ФРОДЕМ.

„Ќе имаме министер 'англиска кралица' a целата власт ќе биде сконцентрирана во рацете на директорите за јавна и државна безбедност. Сега имаме една контрадикторност: од една страна се одложува примената на измените на Законот, а од друга страна без закон туку со договор на министерот за внатрешни работи му го ограничуваат правото на кадровски промени до 15 лица на раководни позиции. Ова е сериозно девалвирање на функцијата министер за внатрешни работи“, вели Кекеновски.

Но, една реченица од постигнатиот договор, открива за кое прашање всушност се кршеле партиските копја во изминатите денови: „Сите решенија за назначувања за истражители во Јавното обвинителство кои им се дадени на носители на раководни позиции во МВР ќе бидат поништени и нема да бидат давани нови решенија до завршувањето на изборниот процес“.

Според преговарачки извори, ваквото решение уследило откако во изминатите две недели голем број лица на раководни позиции во МВР масовно добиле решенија да бидат истражители на обвинителството. Тоа било направено со цел да не може да бидат сменети од техничкиот министер, бидејќи членот 50 став 3 од Законот за кривична постапка изрично забранува разрешување и распоредување на друго работно место на истражител назначен со наредба на јавен обвинител. Токму за ова прашање, кое му ги врзува рацете на техничкиот министер да изврши кадровски промени, се преговарало во последните два дена. Потоа ВМРО-ДПМНЕ предложила да се укинат сите решенија за истражители до завршување на изборниот процес, што не било прифатено, бидејќи тоа би значело целосно блокирање на истрагите во обвинителствата во наредните месеци. Поради тоа, било договорено да се поништат ваквите решенија само за носителите на раководни функции во МВР, со што отпаѓа и пречката за нивно евентуално разрешување од страна на министерот.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Сега се потребни дологорочни решенија

Како што предвидува договорот, до 22 јули треба да се извршат и измени во Изборниот законик, што ќе овозможи на дополнителен дел од Избирачкиот список да бидат ставени 171. 500 лица, чие право на глас не се спори. За 39.502 лица податоците ќе бидат јавно објавени од ДИК и тие во рок од 25 дена ќе можат да потврдат дека треба да останат на списокот.

Според аналитичарот Даут Даути „интересно е како завршила битката за спорните 'фантомски' гласачи“.

„Опозицијата ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за користење на такви гласачи кои беа посочени како главна причина за манипулција на изборите досега, а потоа, при 'чистење' на списокот, битката се водеше за одредена категорија на гласачи кои воопшто и не биле спорни во претходните изборни процеси, односно, гласовите на Албанците, иако токму нивната излезност беше под 50 отсто! Не ми изгледа логично некој што се родил тука и поради некои причини е надвор во странство да биде ставен во 'посебна' листа, а да не се спорни гласачи кои никогаш не живееле во Македонија, а некој им дал лични документи за да ги користи како гласачка машинерија“, споредува Даути.

Тој има забелешки и за договорот Главниот и одговорен уредник на информативната редакција во МРТВ да биде избран на предлог на опозицијата и да ја преземе функцијата 100 дена пред изборите.

„Наместо да се најде системско решение за јавниот сервис, МРТВ, тој да не биде полигон за партиски вработувања, наместо да му се обезбеди некој вид сеопшта граѓанска контрола по примерот на Би-Би-Си, кој нема да трпи промени при секоја промена на власт, понудено е 'килаво' решение пред избори да го води кадровик поставен од опозицијата. Што значи тоа? Четири години МРТВ ќе ја водат кадровици на власта, и пред избори ќе и биде понудено на опозицијата? Со која цел? За да обезбеди неутралност (ако се знае дека тоа е невозможно) или пак да и надомести на опозицијата тоа што била четири години запоставена во јавниот сервис?“ прашува Даути.

Macedonian Radio Television, MRT
Фотографија: Petar Stojanovski

Тој смета дека петчленото „регулаторно“ тело кое ќе наблудува како известуваат медиумите нема да успее да обезбеди рамноправност на политичките субјекти и дека наместо краткорочни требало уште сега да премине на спроведување системски решенија.

„Ако за Македонија се битни следните предвремени избори, а за нив битни се и медиумските реформи кои треба да обезбедат некакви исти шанси за медиумите, тогаш нелогична е точката во која се вели дека „четирите партии се обврзуваат да спроведат медиумска легислатива согласно итните реформски приоритети и Извештајот на Прибе во рок од шест месеци по изборите“. Чуму такви реформи во медиумите по изборите?“, реагира Даути.

Забелешки за краткорочните медиумски реформи има и Кекеновски.

„Не ми е јасна улогата на ад-хок тело за мониторирање на медиумското известување, наспроти Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ова ми наликува на двоен мониторинг над известувањето и не знам како и какви препораки ќе и дава тоа ад-хок тело на Агенцијата?“, вели Кекеновски.

Ад- хок телото кое ќе го мониторира исполнувањето на одредбите од Изборниот законик кои се однесуваат на медиумите, треба да функционира до крајот на изборниот процес, а ќе се формира во рок од 30 дена по склучувањето на овој договор.

Промена на Уставот?

Најголеми нејаснотии отвора договорот за СЈО: „Во случај доколку Уставниот суд одлучи дека Законот за специјалното јавно обвинителство или некој негов дел е противуставен, четирите партии се обврзуваат на измена на законодавството во согласност со одлуката на судот и обвинителството да биде повторно основано во рок од пет дена, а согласно одлуката. Надлежноста и целите на специјалното јавно обвинителство остануваат исти. (...) Четирите партии го повикуваат Уставниот суд да одлучи за законот за специјалното јавно обвинителство во најкус можен рок, на првата наредна седница“.

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva
Фотографија: DW/P. Stojanovski

За професорот Љубомир Фрчкоски нејасно е како ќе се изведе уставна измена за СЈО.

„Подобро е да Уставниот суд да се изјасни и да ја затвори постапката, отколку да се бара промена на Уставот. Тоа де факто ќе отвори нови проблеми и би требало да се избегне ако се може“, оценува Фрчкоски.

Кекеновски, пак, смета дека поучени од неисполнување на договореното, гарантите на Договорот, САД и ЕУ, направиле чекор понапред и ја зајакнале позицијата на СЈО, односно осигурале дека тоа непречено ќе работи без разлика каква одлука ќе донесе Уставниот суд. Но, не е оптимист во однос на реализацијата.

„Без разлика што се ставени датумите за реализација на преземените и договорени обврски, имајќи го во предвид досегашното однесување на лидерите на партиите на власт, сметам дека до 31 август тешко ќе се усогласат за се што е договорено“, оценува тој.

Опозицијата која сите надежи ги вложи во овој договор, истотака е претпазлива. На прашањето, кои се слабите точки на овој договор, заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, која учествуваше во преговорите изминативе недели, вели: „ВМРО-ДПМНЕ досега многу често не го почитуваше договореното, го минираше или опструираше. Но, ако секоја од партиите го почитува договореното, до крајот на годината можни се избори кои ќе означат почеток на крајот на кризата“, уверена е Шекеринска.

Најдоцна до 31 август треба да се одржи лидерска средба на која партиите ќе оценат дали се спроведени сите одредби од Договорот. Ако се оцени дека се обезбедени услови за одржување фер-избори, тие најверојатно ќе се одржат на 11 декември.