1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Договор за платите или штрајк во јавните служби

Тарифните преговори за јавниот сектор во Германија денеска влегуваат во решавачката трета рунда. Ако не дојде до договор, синдикатот најавува нови штрајкови.

Работодавачите и синдикатите покажаа подготвеност денеска (28.03) во Потсдам да постигнат конечен договор за околу два милиони вработени во јавните служби во општините и на сојузно ниво.

Двете претходни рунди завршија без успех. Доколку и сега не дојде до согласност, шефот на синдикатот Верди, Франк Бзирске, најави натамошни штрајкови. Според него, нема простор за посредување во спорот меѓу синдикатите и работодавачите.

Синдикатот бара зголемување на платите од 6,5 проценти, а работодавачите понудија 3,3 проценти.

Претставниците на работниците во последните денови го зголемија притисокот со предупредувачки штрајкови. Вчера, поради прекинот на работата дојде до нарушување и во воздушниот сообраќај. Особено погоден беше најголемиот германски аеродром, во Франкфурт на Мајна, каде отпаднаа вкупно околу 450 летови, што е една третина од дневните планирани летови. На аеродромот во Минхен биле откажани 95 летови, во Диселдорф - 25.

Вчера повторно се штрајкуваше и во јавниот сообраќај, комуналните служби и управата во покраините Хамбург, Рајнланд Пфалц и во Саарланд.