1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Договор за буџетот во САД во последен момент

Претставничкиот дом и Сенатот на американскиот Конгрес во последен момент го усвоија законот за привремено финансирање на Владата, спречувајќи така финансиска парализа. Се работи за најрестриктивниот буџет досега.

default

Важна одлука за американскиот претседател Барак Обама и неговата влада

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го усвои законот за привремено финансирање на Владата за една недела, додека не биде донесен конечниот буџет за 2011 година, кој, како што веќе напомена претседателот на САД,Барак Обама, предвидува најголеми буџетски кратења во историјата на американските буџети. Законот за времено финансирање на администрацијата за една недела претходно го усвои и Сенатот.

Се очекува законот за буџетот да биде усвоен во Конгресот следната недела, а Обама и лидерите на Конгресот еден час пред крајниот рок успеаја да постигнат договор во врска со намалувањата содржани во него.

Законот за времено финансирање ќе ја спречи блокадата во работењето на Владата, која доколку не беше усвоен требаше да настапи на полноќ по локално време.

USA Etat Entscheidung

Сенаторот Хери Рид

Се закануваше тотална парализа на владините служби

Доколку договорот не беше постигнат околу 800 илјади федерални службеници ќе требаа да престанат со работа. Во пракса тоа значи дека владините служби требаше да ги затворат своите врати, а меѓу другите работата ќе ја стопираа и националните паркови и спомениците, ќе запреа и некои услуги, а сето тоа можеше да и нанесе голема штета на американската економија.

Спогодбата меѓу Обама и двата дома на Конгресот, од кои во едниот мнозинство се републиканците, а во другиот демократите, ги спасија САД од парализира на Владата, нешто што се нема случено изминатите 15 години.

Обама реагираше сепак со олеснување:

„Лидерите во двете партии постигнаа согласност со која на средно големите претпријатија и на милиони сопственици на куќи им овозможија и натаму да користат државни кредити. Се работи меѓутоа за најрестриктивен буџет досега.“

Најголеми кратења во историјата на буџетот во САД

Согласно договорот предвидени се длабоки и големи кратења во износ од околу 38 милијарди долари. Обама истакна дека тоа е најголемото кратење на средства од буџетот во историјата на американските буџети. Слично мислење изрази и председателот на Претставничкиот дом, Џон Бенер, кој напомена дека следната деценија ќе бидат намалени буџетските средства со вкупно 500 милијарди долари.

За Хери Рид, лидерот на демократите во Сенатот, договорот кој е постигнат е историски. Републиканците по преземањето на контролата во Претставничкиот дом се заложија дека ќе се борат против неконтролираното трошење пари и ќе преземат мерки за намалување на федералниот дефицит. На министерот за финансии Тимоти Гајтнер ќе му биде тешко да го протне предлогот за укинување на горната граница на задолжување од 14,3 илјади милијарди долари која ќе биде достигната веќе сега во мај.

USA Etat Entscheidung

Спикерот на Претставничкиот дом Џон Бенер пред новинарите

За републиканската сенаторка Кеј Бејли Хачинсон од Тексас претстои тешка битка за донесувањето одлука:

„Мораме да спроведеме реформи, зашто не смееме од година во година да ја покачуваме горната граница. Долгови над 14 илјади милијарди долари се неиздржливи. Но, тоа што до договоорт сега дојдовме толку тешко, не е добар знак“.

Буџетската 2011 година во САД всушност почна уште во октомври минатата година, а завршува за шест месеци, така што САД практично се без буџет веќе половина година. Работата на институциите во меѓувреме беше овозможена со усвојувањето на вкупно седум закони за времено финансирање.

Автор: ЖА/СН/миа/дв

Редактор: Симе Недевски