1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Договорот САД – Чешка ги оптоварува руско-американските односи

Од Москва дојдоа реакции на негодување и разочарување поради вчерашното потпишување на договорот за инсталирање делови од американскиот антиракетен штит во Чешка.

default

Американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс и чешкиот колега Карел Шварценберг го потпишуваат договорот во Прага

Првите конкретни чекори на Американците за реализација на планираниот стратешки одбрамбен систем носат натамошно затегнување на односите со Русија. Новиот руски претседател Дмитри Медведев на првата лична средба со американскиот претседател Џорџ Буш на самитот на Групата Г8 во Јапонија, уште еднаш го повори противењето на неговата земја за плановите на Американците. Медведев рече дека е разочаран што нема никаков напредок по ова прашање, кое ги оптоварува меѓусебните односи. Сите заклучоци на највисоко ниво Американците на крајот ги анулираат како да не биле ни донесени.


Колкава е опасноста од Иран?


САД и Русија имаат сосема различни проценки што се однесува до опасноста што може да произлезе од Иран. Високи претставници на руската армија, како генерал полковник Бушински, постојано нагласуваат дека на Иран му недостасуваат технолошките предуслови за изградба ракети со поголем дострел барем до 2015-та година. Затоа изградбата на американскиот анти ракетен штит, кој наводно треба да послужи токму за одбрана од ракетен напад од земји како Иран, руските генерали ја сметаат за загрозување на руските безбедносни интереси. Тоа е само еден елемент од вкупната закана, зашто САД работат со забрзано темпо и на развој на ново офанзивно оружје и подобрени сателитски системи, посочи Бушински во едно новинско интервју.


Чесите не ги сакаат американските радари


Претседателот на Одборот на рускиот парламент за надворешна политика Косачов посочува и на одбивниот став на чешкото население кон американскиот анти ракетен штит.


„Наспроти потпишувањето на договорот меѓу чешката влада и САД постои јасен став на јавното мнение: 70% од Чесите се против плановите за антиракетниот штит. Тоа може силно да влијае врз ратификацијата на договорот.“


Косачов посочи дека Русите и Американците треба да соработуваат во решавањето на глобалните предизвици на денешницата. Тој го повтори и предлогот за создавање заеднички систем за одбрана од ракети:


„Ние имаме сопствени радарски системи и ракети, што можеме да ги ставиме на располагање за заедничко користење. Но, Американците постапуваат така што ги имаат предвид само сопствените безбедносни интереси.“


Има ли излез од ќорсокатот?


Изнаоѓањето решение за спорот околу анти-ракетниот одбрамбен систем за сега се чини многу неверојатно. Мерките на транспарентност и зголемување на довербата, што Американците толку ги фалат, во Кремљ не наидуваат на плодна почва. Мерките на Вашингтон се премалку конкретни, оценува генералот Бушински. Најдобра мерка за повторно создавање доверба меѓу големите нуклеарни сили би било комплетното откажување на Американците од спорниот систем.