1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Договорено примирје за Либан

„Многу сум среќен што можат да соопштам дека двајцата лидери се сложија со прекин на непријателството и борбите ќе престанат на 14. август во 5 часот по Гринич.„

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан

Со овие зборови генералниот секретар на ОН Кофи Анан и‘ соопшти на светската јавност дека успеал да издејствува согласност на израелскиот и либанскиот премиер Ехуд Олмерт и Фуад Синиора за прекин на оружените дејства утре во 7 часот изутрина по средно-европско време.

„Борбите би требало да престанат веднаш за да се почитува духот и намерата на одлуката на Советот за безбедност. Целта е да се спасат животите на цивилното население и да им се намалат страдањата на цивилите од обете страни. Затоа ги повикувам обете страни да престанат веднаш!„ – изјави во Њујорк генералниот секретар на ОН.

Наспроти ваквите апели израелската армија ја продолжува големата копнена офанзива што ја отпочна кусо по донесувањето на резолуцијата на Советот за безбедност во ноќта меѓу петокот и саботата. Утринава израелското воено воздухопловство изврши серија напади врз најголемиот бегалски камп на Палестинците во Либан кај градот Сидон. Под заштита на силен артилериски оган израелските копнени сили стигнаа до реката Литани што се наоѓа на 20 до 30 км во внатрешноста на либанската територија. Вчера за таа цел беше изведен и десантен напад со хеликоптери, во кој учествуваа голем број израелски војници. Ова е најголема воена операција на израелската армија на либанска територија од војната во 1973-та година. Во тешките борби со припадниците на Хизболах милицијата, чија воена инфраструктура е цел на израелската операција, животот го загубија најмалку 19 израелски војници, додека преку 70 се повредени. На тоа доаѓаат и пет војници од хеликоптерот што борците на Хизболах го урнаа во долината Марјамеин, кои пак официјално се водат како исчезнати. Во борбите загинале и 50 борци на Хизболах, соопштуваат извори на израелската армија.

Шефицата на американскиот Стејт департмент Кондолиза Рајс изјави дека големата офанзива на Израелците била очекувана. Таа истовремено додаде дека се надева оти борбите сепак ќе престанат за еден ден. Претседателот Џорџ Буш ја повика меѓународната заедница да преземе се‘ што е во нејзина моќ за да дојде до воспоставување траен мир во регионот. Резолуцијата на ОН предвидува стационирање меѓународни сили од 15.000 војници веднаш по повлекувањето на израелската армија плус 15.000 војници на либанската војска, кои треба да го штитат Израел од нови ракетни напади на Хизболах.

Во меѓувреме либанската влада, во која седат и министри на Хизболах се согласи и официјално со текстот на резолуцијата на ОН, додека израелскиот владин кабинет во моментов се‘ уште расправа. Експертите очекуваат и негова согласност!

Во Германија се води и понатаму јавна дебата околу евентуално учество на војници на Бундесверот во меѓународната мисија за Либан. По позитивниот став на шефот на СПД, како една од двете владеачки парти на големата коалиција во Берлин, и водечки политичари на Христијанско демократската Унија манифестираа отвореност за таков ангажман. Експертот на социјалдемократите Ханс Петер Бартелс за денешен Билд ам зонтаг изјави дека принципиелно е можен таков ангажман на Бундесверот. Но, со оглед на германската историја, би било подобро тоа да не бидат борбени едници, туку транспортни и санитетски.