1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Договорено интензивирање на средбите со Нимиц

Ако по нешто може да се запамети оваа најнова рунда на преговори во Њујорк, тогаш тоа е сигурно согласноста за воспоставување на нова динамика за интензивирање на средбите меѓу Нимиц, Јолевски и Василакис.

Минатата година, грчкиот и македонскиот амбасадор со специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за решавање на спорот околу државното име на Република Македонија, се состанаа само два пати, во февруари и во ноември.

Овој пат, грчкиот амбасадор Василакис за Македонската програма на Дојче веле изјави дека на нова средба нема долго да се чека. Запрашан кога точно ќе биде организирана нова рунда преговори, Василакис одговори: „Не знам".

„Но она што знам е дека тој ден ќе се фиксира и тоа ќе се случи во рок од еден до два месеца“, кажа Василакис. Тој додаде дека локација за новите преговори ќе ја одреди Метју Нимиц.

Нимиц не е разочаран

Од своја страна, специјалниот пратеник на Бан Ки-Мин за решавање на грчко-македонскиот спор, рече дека со балканските преговарачи, во Њујорк разговарал цели два часа.

Без експлицитно да потврди дека на преговарачите навистина овој пат им понудил неколку предлози за името на Македонија, Нимиц зборуваше за тестирање на неговите предлози од страна на преговарачите:

„Зборувавме за суштината. Позициите на земјите се искристализираа. Во главните градови вредно се работеше за да се види дали можеме да постигнеме договор. А имаше и реакции на мојите идеи", рече меѓу останатото Нимиц, навестувајќи исто така дека релативно брзо ќе има нова средба.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen

Одговарајќи на прашањето на ДВ, дали по оваа рунда преговори може да се пофали дека има нешто конкретно в раце, или се’ повторно останува да лебди во воздух, Нимиц на шега рече:

„Не сме горе во облаци и јас мислам дека се спуштаме во реалноста", рече медијаторот, оценувајќи дека на преговорите имало конструктивен придонес од страна на Скопје и на Атина. Тој додаде дека воопшто не е разочаран со постигнатото.

Тешки теми

Нимиц нагласи дека овој пат во Њујорк навистина се разговарало за „тешки прашања" за земјите вклучени во преговорите, но уште еднаш одби да проговори за конкретните предлози или да објасни кои беа тие „тешки прашања".

И македонскиот амбасадор Зоран Јолевски исто така не покажа малодушност по оваа рунда на преговори во Њујорк.

Откако ги повтори приоритетите на владата во Скопје, вклучувајќи го и приближувањето до НАТО и ЕУ, што според Јолевски оди во полза и на Грција, македонскиот амбасадор за Дојче веле изјави дека ова сепак е чекор понапред и покрај тоа што не беше обелоденет ниту еден конкретен предлог.

„Секоја средба е одреден чекор понапред. Битно е да стигнеме до целта. Моето чувство е дека одиме во вистинска насока", изјави Јолевски.

Строго доверливо

Запрашан дали некој му има забрането и тој конечно да се изјасни кој предлог најмногу и одговара на Македонија, и дали е време јавно да се полемизира за понудените предлози, Јолевски одговори:

„Не, не, не. Како да кажам, тоа се сепак доверливи разговори. Меѓутоа атмосферата во текот на разговорите беше позитивна. Македонија останува искрено определена на овој процес под раководството на медијаторот Нимиц".

Јолевски уште нагласи дека сега е најважно оти преговорите, како што беше најавено - ќе имаат релативно брзо продолжение.