1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Договорени бракови меѓу Ромите - криминал, а не традиција

Црна Гора од почетокот на јуни го презеде претседавањето со „Декадата на Ромите“ – иницијатива почната пред 10 години од осум земји од Југоисточна Европа. Еден од најтешките проблеми кај Ромите се договорените бракови.

„Еве, сега имам 17 години, па гледам некоја од 12-13 години дека е мајка и јас се сеќавам на сето тоа“, вака речиси секогаш ја започнува приказната Сабахета Радосављевиќ. Приказна која се разликува од повеќето тинејџерски.

Во трошната куќа во населбата Коник, во предградието на Подгорица, Сабахета се грижи за својата двегодишна ќерка и објаснува дека првпат се омажила на 14 години. Тогаш младоженецот на нејзиното семејство му дал 2.000 евра како поклон за невестата. Два месеци подоцна, Сабахета дознала дека семејството на нејзиниот маж ги позајмило парите со ветување дека ќе ги врати со голема камата. Тогаш ги побарале парите од нејзините родители.

„Тие тоа не го кажаа директно, значи – ги бараме своите пари. Туку, јас бев малтретирана, мачена, затворана. Знаеја дека ме врзуваат со синџири, дека ме тепаат“, раскажува Сабахета и додава дека сфатила оти минува низ пекол поради пари, откако свекорот побарал да ја облече венчаницата и да отпатува со него во друг град.

„Свекорот сакаше да ме продаде, за тие луѓе, на кои им должеше со камата, да не му ја земат ќерката“, додава таа.

Abgeschobene Roma im Kosovo

Сиромаштија, лоши услови за живот и насилство - на ова многу често наидуваат младите Ромки кога присилно ќе се омажат

Од продажбата ја спасила одлуката на нејзиното семејство, девет месеци по првата „мажачка“, повторно да ја „омажат“, а парите кои ќе ги добијат на тој начин да ги вратат на семејството на нејзиниот прв маж. Вториот маж, со кој ја добила ќерката, бил уште понемилосрден.

„Тој ме малтретираше уште повеќе, а свекорот-алкохоличар се обиде трипати да ме силува. Тоа веќе не можев да го издржам и се вратив дома“, низ солзи се сеќава Сабахета.

Таа не е единствената малолетна Ромка, која зад себе има потресна приказна за договорена мажачка. Против договорените бракови и продажбата на девојчињата веќе десет години се бори Бехија Рамовиќ, единствената Ромка вработена во кабинетот на црногорскиот премиер, која и самата била жртва на семејно насилство.

„Бидејќи поголем дел од времето сум на терен, кога ќе дознаам дека се работи за тоа секако дека веднаш ја контактирам полицијата и го пријавувам тој случај“, објаснува Рамовиќ. „Пријавувам, на пример, дека девојче од 14 години е продадено, дека едноставно се дадени пари за него и дека е присилно омажено – дека се прекршени неговите детски права“, додава Рамовиќ, која е една од трите Роми вработени во државната администрација.

Кривични дела оправдувани со традицијата

Црна Гора од почетокот на месецов го презема претседавањето со „Декадата на Ромите 2005-2015“. Земјата треба да претстави што е направено во минатите осум години и што се планира во следните две, за да се подобри положбата на ова малцинство. Сабахудин Делиќ, помошник-министер за човекови и малцински прашања вели дека за проблемите, како оној на Сабахета, конечно треба да се проговори.

„Тоа е нешто спротивно на позитивно-правните прописи на Црна Гора и тие присилни малолетнички бракови се апсолутно нешто против што ние се бориме“, вели Делиќ, додавајќи дека досега се спроведени неколку обуки, снимен е филм за присилните бракови, печатена е брошура која е поделена во основни и средни училишта, како и во центрите за социјална работа. Сепак, како што вели Делиќ никој до сега не е уапсен поради тоа кривично дело.

Behija Ramovic aus Montenegro

Бехија Рамовиќ работи во кабинетот на црногорскиот премиер

Бехија Рамовиќ вели дека „тоа стана бизнис во ромската и популацијата на Египќаните“. „Девојчињата се продаваат по цена од четири, пет, па до 20.000 евра. Мислам дека е голем проблем што тие се потпираат на традицијата, што велат дека тоа дел од обичајот“, вели Рамовиќ.

Таа верува дека проблемот може да се сузбие со описменување и образување на девојчињата. Заедницата го одбива она што Рамовиќ го застапува, па еднаш и’ бил каменуван автомобилот.

„Еднаш додека спиев со ќерката ни го скршија и прозорот во куќата. Јас мислам дека тоа го направи некој од ромските лидери, бидејќи на некој начин сакав да го прекинам тој синџир на трговија, односно да им го прекинам тој бизнис“, објаснува Рамовиќ.