1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Доверба и во кризни времиња: германско-руски дијалог

Деветтиот Петерсбуршки дијалог се одржува во Минхен во знакот на светската финансиска криза. Два дена околу 200 руски и германски претставници дебатираат во повеќе работни групи.

default

Од минатогодишната средба

Мотото на годинешниов руско-германски дијалог е „Патишта за излез од кризата од агол на цивилното општество.“

Петерсбуршкиот дијалог е редовен форум на кој учествуваат претставници од цивилното општество, политичари и претприемачи од Германија и Русија. Цел е да се поттикне разбирањето меѓу двете земји и да се генерираат идеи за работата на владите. На крајот на форумот ќе се оддржат и германско-руски владини консултации.

Меркел воспостави дистанца

Петерсбуршкиот дијалог е наследство од лобистот за Русија, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кого во 2005 година го наследи Ангела Меркел. Поради предвремените избори за Бундестагот, таа година форумот се оддржа без своите кумови - германскиот канцелар и рускиот претседател. Но, се чини дека таков, форумот и‘ одговараше на г-ѓа Меркел. При нејзината прва посета на Москва во јануари 2006 година таа јасно се дистанцираше од политката кон Русија на нејзиниот претходник и во резиденцијата на германската амбасада во Москва се сретна со критичари на режимот. Герхард Шредер, кој за Путин велеше дека е „чист демократ“, ваквите состаноци ги сметаше за излишни. Наместо тоа во есента 2000 година на средбата со тогашниот претседател Владимир Путин, предложи да биде инициран форум на интелектуалци од двете земји.

Синоним за свртувањето на Русија кон Европа

Форумот за првпат се оддржа во април 2001 година во градот на Нева и го доби неговот име-Санкт Петерсбург. И тоа не само, како што уверуваше тогашниот канцелар Шредер, оти Германците лесно може да го изговорат името на градот, или оти е родниот град на тогашниот руски претседател Владимир Путин, туку затоа што „со името ’Санкт Петерсбург’ во руско - европската историја се поврзува свртувањето на Русија кон Европа“. Свое мислење за Петерсбуршкиот дијалог има Дмтириј Суслов од руската тинк - тенк група „Совет за надворешна и безбедносна политика.“

„Цивилниот дијалог, значи, меѓу претпријатија, научниците, новинарите, борците за човекови права, овозможува двете страни да ја приближат својата позиција еден кон друг, бидејќи темите исцрпно се разглобуваат на повеќе нивоа. Без овој цивилно-општествен дијалог Русија не може да биде разбрана во Европа и натаму ќе биде сфатена како опасност, како руска мечка која се буди.“

Оваа позиција, која не е многу различна од онаа на владата во Москва, објаснува и зошто на овие средби од руска страна не може да се слушнат критички тонови во правец на Кремљ. За тоа има доволно простор во осумте работни групи на кои се разговара за политика и економија, цивилното општество, медиумите и црквата во Европа. За овие работи во групи дебатираат околу 200 учесници од Германија и Русија. Тие даваат импулси и идеи за реализирање на проекти, како на пример фондацијата за германско-руска размена на млади или „Фоурмот Кох - Мечников “, експертска мрежа за борба против заразни болести.

Grafik Symbolbild Petersburger Dialog

Постојат и критики

Има и контроверзни позиции. Така на пример германската страна во 2005 година го критикуваше законот усвоен од тогашниот претседател Путин, со кој се отежна работата на невладините организации. Минатата година руските партнери критикуваа дека западните медиуми наводно заземале про-грузиска позиција при известувањето за војната во Јужна Осетија. Деканот на факултетот за новинарство на универзитетот во Санкт Петерсбург Марина Шишкина со помирлива формулација

„Се доби впечаток , како новинарските стандарди да беа разнишани по случувањата во Јужна Осетија. Сметам дека новинарите, на водечките меѓународни медиуми, во никој случај не сакам да тврдам дека тоа беа германските медиуми, некои работи не ги изведоа толку професионално, колку што инаку би морале тоа да го сторат.“

Важен е континуитетот на разговорите

Сепак е важно, и покрај понекогаш суштинските разлики, и како годинава потешкотиите со финансирањето, да не се изгуби континуитетот на разговорите

„Довербата толку порасна, што и во кризни времиња можеме да го продолжиме дијалогот,“ рече претседателот на германскиот координативен одбор Лотар де Мезиер на последниот Петерсбуршки дијалог. Тој годинава го раководи форумот со новиот копретседател од руска страна. По речиси девет години на чело на форумот, од Германците ценетиот Михаил Горбачов, ќе му го отстапи местото на рускиот вицепретседател Виктор Зубков. За првпат, германско-рускиот цивилен дијалог ќе биде раководен од висок по ранг активен политичар.

Автор: Андреас Бренер/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска