1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Довербата и дисциплината - клучни за организација на успешни избори

За првпат во историјата на СР Германија изборите за Бундестагот ги следеше и мисија на ОБСЕ и ОДИХР. Меѓу експертите е и Александар Новаковски, претседател на ДИК на Р Македонија, кој за ДВ зборува за целта на мисијата.

default

Германија гласаше

Господине Новаковски, што беше во фокусот на Вашето набљудување, односно на што ќе ги насочите оценките што треба да ги дадете во врска со изборите?

Најпрво фокусот беше ставен на самата изборна администрација, потоа на начинот на кој медиумите ја покриваат кампањата за изборите, доста беше разговарано и со политичките партии кои учествуваат во изборите. Таму фокусот беше ставен на сите активности, како администрацијата ги спроведува и организира изборите.

Каков е вашиот впечаток по сите овие интензивни денови, спроти и на денот на изборите?

Сметам дека изборите се одлично организирани. Постојат многу сличности, никаде немаме идеални избори, морам да кажам дека изборите се одвиваа во одлична атмосфера. Има голема доверба во изборната администрација, ја оставаат да ја организира целата работа околу изборите, посебно медиумите исто така ги почитуваат правилата кои се утврдени за изборната кампања. Интересен е податокот дека овде имаме и гласање по пошта, кое се одвива на предизбориот ден и процентот на тоа гласање е се‘ поголем.

Има ли некакви забелешки кои ќе ги внесете во својата оценка?

За нашиот тим можам да кажам дека немаме забелешки. Извештајот за овие избори ќе биде подготвен од мисијата на ОБСЕ и ОДИХР и тој ќе биде објавен по два месеци од завршувањето на изборите. Можам да кажам дека се‘ се одвиваше во најдобар ред.

Сега како претседател на Државната изборна комисија во Македонија, какви поуки носите од овде, од изборите во Германија и што би можело како искуство од овде да се примени потоа за изборите во Македонија?

Самата организација, самиот начин на спроведување, самиот начин на функционирање има големи сличности. Но сепак би ја нагласил довербата која постои кај политичките партии, кај сите учесници во изборниот процес. Нема некои изјави со кои предвремено се укажува на изборни неправилности и такви неправилности не беа забележани. Довербата, дисциплината на администрацијата го дава тонот на самата организација. И политичките партии, како клучен фактор, покажуваат голема доверба кон сите кои ги спроведуваат изборите.

Како тогаш да се пренесе таквата атмосфера, довербата посебно кога се во прашање изборите во Македонија?

Во Македонија се создадени сите предуслови за такви можности. Со функционирањето на државната администрација и нивното инволвирање во изборниот процес и сепак треба и малку и да се децентрализира процесот на спроведување на изборите. И политичките партии мора да покажат повисоко ниво на култура при организирање на изборите. Тоа е тежок и комплициран процес и овде се покажа на дело дека функционира одлично кога се има доверба во секој потег на изборната администрација и на државните службеници.

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска