1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Добро е да се има пријател како Русија

Русија и Србија отсекогаш биле во добри врски. Во актуелната ситуација, Србија во Русија гледа верен пријател во борбата за Косово.Русија, пак, смета на тоа дека во иднина Србија ќе ги застапува нејзините интереси во ЕУ.

default

Медведев пречекан од Тадиќ

Србија и Босна и Херцеговина се единствените земји од просторите на поранешна Југославија, кои досега не потпаднаа под сферата на интерес на НАТО. Речиси 95 проценти од жителите на Србија не го поддржуваат зачленувањето во Алијансата, поради бомбардирањето на Србија во 1999 година. Владата на Србија во Русија гледа верен пријател во политиката за непризнавање на независноста на Косово. Врските меѓу Србија и Русија траат со децении, а со неодамнешната посета на рускиот претседател Дмитри Медведев на Србија, тие само се зацврстија, вели Душан Рељиќ, научен соработник на германскиот Институт за меѓународна политика и безбедност, кој неодамна во Берлин ја објави студијата „Враќањето на Русија на Западниот Балкан.“

„Не верувам дека и самата Русија очекува Србија еден ден да стане дел од некаква руска интеграција. Русија смета на тоа дека Србија, како и останатите земји од регионот, еден ден ќе влезат во ЕУ и како членки на Унијата ќе бидат понаклонети кон соработка со Русија, отколку Балтичките земји, или земјите од Централна и Источна Европа.“

„Србија има привилегирана позиција кај Русите“

BdT Russland Ukraine Gaslieferung

Србија се надева да стане транзитна земја за рускиот гас

Русија е свесна дека на Србија нема да и’ биде одземена шансата за членство во Европската унија, смета и Александар Рар, аналитичар и директор на прогамата за Русија и Евроазија при Германското друштво за надворешна политика. Да се примат Словенија и Хрватска, а да се прескокне Србија, би била една од најголемите грешки, што на Балканот ќе создаде уште поголема неизвесност, вели Рар. Русија, меѓутоа, има намера и да го искористи геополитичкото значење на Србија и на Балканот, за на Западна, па и на Југоисточна Европа, да може во наредниве педесет години да им го продава својот гас.

„Гасоводите кои моментално постојат, се изградени уште од времето на студената војна. Тие не поминуваат низ сите земји и ги нема доволно за Русите да можат да го извезат целото количество гас што и` е потребно на Европа. Затоа Русија се обидува да придобие одредени земји, пред се’ на Балканот, за да им ја додели улогата на дистрибутивни станици за руски гас во регионален европски контекст. Србија е, притоа, еден од главните партнери на Русија во регионот.“

ЕУ ќе ја менува политиката кон Балканот

Boris Tadic

Тадиќ се обидува да балансира

Она што за време на студената војна беа ракетите, денеска е природниот гас - главно политичко оружје на Русија. Земјите од Балканот ја научија лекцијата од Украина, оценува Рар. Ако планираниот руско-италијански гасовод „Јужен тек“ биде изграден до 2015 година, Србија и земјите од регионот ќе го добијат транзитниот монопол за пренос на гасот, како најважен производ за ЕУ, а со тоа земјите-членки на Унијата автоматски ќе ја променат досегашната политика кон Србија. Зборуваме за земји како Германија, Италија или Франција, објаснува аналитичарот Рар.

„Затоа овие земји се борат за таквиот статус. Србија многу лукаво учи и од Турција. Ако стане главна транзитна земја за рускиот гас Турција знае дека и Европската унија ќе ја сфаќа посериозно.“

Многу аналитичари и политиколози сметаат дека претседателот на Србија, Борис Тадиќ, денес се обидува да балансира меѓу Истокот и Западот, на истиот начин, на кој тоа во текот на студената војна го правеше Тито. Тадиќ се надева дека Европската унија по кратка постапка ќе ја прими Србија во европското семејство, за таа да не се претвори во инструмент на Русија на Балканот.

Автор: Селма Филиповиќ / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM