1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Добрососедските односи се највисок владин приоритет

Затоплување на односите со Србија, посети на премиерско ниво од Бугарија и Косово - Македонија форсира добрососедски односи.

default

Во синоќешното (16.11.2008) писмено обраќање, македонскиот премиер, Никола Груевски напиша дека охрабрува изјавата на српскиот претседател, Борис Тадиќ за нормализација на дипломатските односи со Македонија. Тие беа нарушени откако властите во Белград го протераа македонскиот амабсадор, по признавањето на независноста на Косово од македонска страна. Претходно, претседателот Борис Тадиќ, преку едно интервју, покажа подготвеност да прими акредитиви на нов македонски амбасадор во Белград: „Македонија и Црна Гора мора да излезат со предлог за тоа кои се новите амбасадори на тие држави“, изјави Тадиќ за агенцијата Бета. Тој потсети дека во Скопје е останат српскиот амбасадор како гест на интерес да се вратат добрососедските политички односи меѓу Македонија и Србија.

Ескпресна реакција на Црвенковски, амортизација од Милошоски и корекција од Груевски

На оваа изјава на српскиот претседател, Борис Тадиќ, експресно реагираше шефот на македонската држава, Бранко Црвенковски, повикувајќи ја владата да предложи нов амбасадор во Србија. Но, шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски со став – Македонија нема веднаш да понуди нов амбасадор во Белград: „Прво би требало да имаме нешто повеќе од усна изјава. Втората забелешка би била таа дека господинот Црвенковски, кога нашиот амбасадор беше протеран од Белград на еден непринципиелен начин, не даде никаков коментар, ниту најблаг протест, а сега покажува одредена сервилност. “

По оваа реакција на министерот Милошоски, шефот на дипломатијата синоќа беше корегиран лично со изјава на премиерот Груевски. Премиерот ја поздрави понудата на српските власти за нормализација на македонско-српските односи, влошени поради Косово.

Се форсира добрососедство

Инаку, и покрај признавањето на косовската независност, македонската влада сеуште тактизира со испраќање на својот прв амбасадор во Приштина, иако во меѓувреме заврши демаркацијата на гранциата со Косово. Наредните денови во Скопје се очекува пристигнувањето на косовскиот премиер, Хашим Тачи, кој со македонскиот премиер, Груевски најверојатно ќе размени ноти за меѓусебно признавање. Властите во Приштина засега не подлегнуваат на притисокот од Грција – Косово да ја именува Македонија како ФИРОМ. Во обидот да се форсира добрососедството и соработката, се бројува и можната посета на бугарскиот премиер, Сергеј Станишев на Македонија.