1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

(Добро)намерни пораки

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи најави дека пратеничката група на неговата партија ќе ја бојкотира работата на Собранието. Врз Македонија се зголемува притисокот од соседните земји.

default

Бојкотот на Собранието не е непознат метод во Македонија за сите партии. ДПА тоа го прави речиси во секој мандат и, по правило, по претходни средби со албанските политичари во Тирана и Приштина. Новина во радикализаицијата на настапите на Мендух Тачи е неговото јавно барање Албанија да стави вето за членство во НАТО, ако наводно продолжи обесправеноста на Албанците во Македонија. Тачи, имено, истакна дека размислувал по средбата со албанскиот премиер Сали Бериша, да побара во име на партијата, Албанија да стави вето за македонското членство во НАТО, но за „да не биде погрешно сфатен“, решил предлогот да го изнесе на наредната средба.

Последните денови се проширува соседскиот притисок врз Македонија, што коинцидира со нова рунда разговори за решавање на грчко-македонскиот спор и можните позитивни сигнали за напредокот на земјата од Брисел. Притисоците почнаа со изјавата на српскиот претседател Борис Тадиќ, дека екстремистите од Прешевската долина тренираат и во Македонија. Потоа, дојде до пристисоци од страна на Софија и министерот Божидар Димитров, кој преку телевизијата во Софија за Македонија рече дека создава амбиент оти е јагне што треба да го изедат волци од Албанија, Грција и Бугарија. Министерот во новата влада на премиерот Бојко Борисов, претходно, ги обвини македонските власти дека кон бугарскотот малцинство применуваат полициски и социјални тортури и се однесуваат нецивилизирано. Бугарскиот министер Димитров не спомна, но печатот во Софија пренесе, а демант немаше, дека не се исклучува вето на Бугарија за апликацијата на Македонија во ЕУ. Ваквата конфликтност во македонско-бугарските односи предизвика позтивен одек во грчкиот печат. Евроамбасадорот во Македонија, Ерван Фуере и американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер во одвоени сугестии порачаа да не се драматизираат поединечните случаи во меѓудржавните односи.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска