1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Добри оценки за Македонија во борбата против трговијата со луѓе

Македонија и годинава е во најдобрата група земји во борбата против трговијата со луѓе, покажува најновиот извештај на Стејт департментот. И покрај тоа, американскиот Стејт департмент има забелешки до македонската влада.

Македонија и годинава е во првата група земји кои целосно го почитуваат Актот за заштита на жртвите од трговијата со луѓе, односно целосно ги исполнува минималните стандарди за елиминација на ова зло, се наведува во редовниот Годишен глобален извештај на Стејт департментот.

Министерството за надворешни работи на САД сепак и’ забележува на македонската влада дека не успеала да обезбеди финансиски ресурси за жртвите кои се наоѓаат во засолништа и дека не прави доволно за нивна реинтеграција. Вашингтон препорачува македонската влада да дејствува проактивно и да ги зајакне напорите за идентификација на жртвите, како и да осигура дека нема да бидат депортирани или казнети како резултат на тоа дека биле дел од трговијата.

Македонија е извор, дестинација и транзитна маршрута за жртвите на трговијата со луѓе и присилна работа. Македонските жени и деца се жртви на трговијата на самата територија на земјата. Странските жртви, кои се предмет на принудна проституција или работа, доаѓаат од Албанија, Бугарија, Србија, Украина и Косово, стои во извештајот.

Стејт департментот ги рангира земјите во три групи. Оние од првата целосно ги почитуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе. Во втората, земјите делумно ги почитуваат стандардите, а таа содржи и подгрупа во чии земји ситуацијата особено е влошена. Последната, трета група земји воопшто не го почитува Актот за заштита на жртвите од трговијата со луѓе.

Од регионот, Албанија, Босна, Бугарија, Косово, Црна Гора, Турција и Србија се наоѓаат во втората група.

Поврзана содржина