1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Добри и лоши вести од германскиот пазар на работна сила

Невработеноста во Германија и понатаму е во опаѓање, таа изнесува уште само 3,6 милиони. Во споредба со февруари минатата година тоа е намалување за цели 620.000. Тоа е добрата вест. А лошата!?! Коментира Карл Завацки.

default

Ќе остане ли на работа? Работник во погонот за монтажа на БМВ во фабриката во Лајпциг


За позитивниот развој на пазарот на работна сила во Германија заслужни се добрата конјунктура и релативно топлото време за овој дел од годината. Стапката на пораст не е толку голема како лани, ама германското стопанство сепак и понатаму е во подем. Со оглед дека производните капацитети се веќе добро искористени, во поголем број случаи претпријатијата мораат да вработуваат нови сили. Ова важи пред се‘ за средно големите претпријатија, кои впрочем го сочинуваат ‘рбетот на германското стопанство. Големите концерни следат поинаква логика За разлика од нив, големите концерни, кои книжат голем профит и зголемени нарачки, најавуваат масовни отпуштања. Такви се случаите на авто-коцернот БМВ, хемискиот Хенкел или електронскиот Сименс, кои најавија скратување на илјадници работни места. Финскиот произведувач на мобилни телефони Нокиа дури ја затвори фабриката во германскиот град Бохум за да произведува поефтино во Романија. Произведувачот на тешки возила МАН нема да ги затвора погоните во Германија, но затоа проширувањето на производните капацитети го планира во Источна Европа и Азија.
Ваквата тактика на големите концерни се должи пред се‘ на влијанието на берзите. Тие се во меѓувреме меѓународни концерни, во кои има и странски капитал, а нивните акции се во оптек не само на германските берзи, туку и на оние во Америка и во Јапонија. А странските инвеститори се заинтересирани пред се‘ за растечки дивиденди, како и за зголемување на курсевите на берзата. А ова второто се постигнува најлесно токму со најавите за натамошно намалување на бројот вработени. Така едните ги губат работните места, а другите им се радуваат на добивките преку растечката вредност на акциите. Средните претпријатија имаат почовечки лик Кај средните претпријатија ситуацијата изгледа поинаку. Таму фирмата се‘ уште ја води сопственикот, а не некој безличен менаџер – странски или домашен. И сопственикот е заинтересиран за зголемување на добивката, но него го интересира исто толку и опстанокот и доброто реноме на претпријатието затоа што сака да им ја остави во наследство на своите деца. Таквите претпријатија не се борат за кусорочни добивки на берзите, туку совесно планираат на долг рок. А и шефот се чувствува одговорен за судбината на работниците и нивните семејства, бидејќи ги познава и знае колку му биле битни за успехот на фирмата. Освен кога ќе ги голтне странски инвеститор Секако и меѓу средно големите претпријатија има исклучоци, на пример кога нема наследник од семејните кругови или кога го купил некој странски инвеститор. Тоа го покажува примерот на фирмата за конфекција „Бос“. Нејзе ја купи еден англо-американски инвестиционен фонд или според модерната терминологија „скакулец„. Вложувачите на капитал во ова странско финансиско претпријатие не само што не се задоволни со 100-те милиони евра добивка годишно, туку бараат и вонредна исплата од дополнителни 400 милиони. Со тоа тие си ја враќаат главнината на инвестицијата, а порано успешната фирма „Бос“ тоне во долгови.